Македонија
12. February 2018 - 8:13

Собранието втора недела без најавени активности

Собранието на Република Македонија и оваа недела нема да одржи пленарна седница, а не се закажани ниту седници на комисиите. Ова ќе биде втора недела како Парламентот нема да одржи седница. Незавршени седници има, а има и прашања и закони кои се очекува да бидат ставени за дневен ред на некоја следна седница. 

Поголема група пратеници меѓу кои и претседателот на Парламентот Талат Џафери, како и вработени во службата на Собранието во вторник заминуваат во Вилтон Парк во Велика Британија. Македонскиот Парламент и Вилтон Парк институтот имаат повеќегодишна соработка, а најчесто на овие собира се дискутира за актулени и важни прашања поврзани со работата на Собранието. Партиска делегација беше и во Стразбур во Европскиот парламент, а исто така неколку пратеници беа и на молитвениот појадок во Вашингтон. 

Иако речиси и да немаше активности, минатата недела во Парламентот се состанувале работните групи составени од пратеници од власта и опозицијата и разговарале за реформските закони. Средбите се потврдуваат, но нема информации дали нешто е усогласено или не. 

На веќе започнатите седници се прашањата за Законот за јазиците, за кој има поднесено над 35.000 амандмани од страна на ВМРО-ДПМНЕ, законите за патните трошоци, прашањето за потпретседателите на Парламентот, но и барањето за ставање на дневен ред на одлука за пополнување на составот на Државната изборна комисија. 

За амандманите за Законот за јазиците власта се надевам дека ќе биде постигнат некаков политички договор со опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, политичарите не откриваат како ќе биде постигнат овој договор.