Македонија
20. January 2016 - 17:17

Собранието во рамки на 85.седница прифати неколку законски измени во прво читање

Собранието на Република Македонија попладнево во рамки на продолжението на 85. седница ги прифати измените и дополнувањата на законите за технолошки индустриски развојни зони и за матичната евиденција, како и за извршување и за нотаријатот, сите  во прво читање.

Во образложението на измените и дополнувањата на Законот за технолошки индустриски развојни зони во прво читање, заменик-министерот за економија Христијан Делев рече дека првата измена се однесува на ИТ зоните. Појасни дека според најновите измени тие ќе бидат зони во рамки на сегашните постоечки технолошки индустриски развојни зони само за сегментирана група компании кои се занимаваат со највисока технологија односно со производство на софтвер и бараат највисоки стандарди.

- Тие компании би сакале сега да ги поканиме во рамките на овие зони за да можеме да бидеме поконкурентни од другите европски држави. Во моментов имаме неколку компании кои се заинтересирани за обавување на оваа дејност во рамките на овие зони. Со ова Македонија станува поактрактивна дестинација за овие компании, посочи Делев.

Потенцира дека вториот дел од измените ќе се дозволи формирање на здравствени зони кои опфаќаат поголем сет на дејности.

- Тие се дизајнирани да не прават реално конкуренција на компаниите односно на здравствените организации кои функционираат веќе на територија на Република Македонија. Тие се дизајнирани да привлечат поголем број странци односно луѓе од трети држави кои ќе ги користат здравствените услуги во Република Македонија. Во овие зони ќе се извршуваат хирушки зафати или комплексни здравствени операции кои на територија на Република Македонија ги немаме, или некои козметички или т.н.пластични хирургии кои се многу актуелни, рече Делев.

Нагласи дека целта на овие здравствени зони е да се развие еден сегмент кој досега во Македонија е неразвиен. - Со ова сакаме сериозно да го покренеме овој сектор. Тоа се сите тие рехабилитации односно здравствени услуги после оперативни зафати, додаде Делев. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски рече дека по предлог-законите за медицинските сестри и акушерките и за слободните здравствени зони, двата во прво читање, пратениците ќе расправаат штом се создадат деловнички услови, односно кога ќе ги разгледаат работните тела.

На седницата не присуствуваа пратениците од опозицијата. 

Вељаноски ја прекина седницата и за утре во 12 часот ја закажа 87. седница на Собранието, а по нејзиното завршување ќе продолжи 85. седница.