Македонија
24. August 2016 - 14:19

Собранието расправа за измени на Законот за студентски стандард

Републичкото Собрание денеска на нова, 114-та пленарна седница, почна расправа за Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, во прво читање, со кој се дава можност студент да биде тутор на ученици од основно и средно образование и со тоа да добие дополнителни поени ако конкурира за добивање стипендии.

Според заменик-министерот за образование, наука и спорт Спиро Ристовски, туторството ќе го реализираат студенти кои имаат исклучителни постигнувања во соодветниот наставен предмет или на сродниот факултет. Потребно е да имаат најмалку просек осум и да се пријават, по што ќе бидат избрани од родителите, кои ќе имаат целосен надзор на процесот на обука и туторство врз детето. 

- Со предложената измена се овозможува студентот кој ќе биде тутор да добие дополнителни поени при апликација за остварување на правото на стипендија, кои секоја година ги доделува Министерството за образование и наука, рече Ристовски, нагласувајќи дека целта е мотивација за студентите.

Независната пратеничка Роза Топузовска Каревска побара туторството да биде само дополнителен услов при добивање стипендии, а не основен. - Со предлогот се врши дискриминација на студентите кои се надарени, но можеби не можат да бидат тутори, оцени Топузовска Каревска, додавајќи дека со законот се дава простор и можност за манипулација затоа што стипендиите, како што рече, често се делеле по партиска, пријателска, роднинска или бизнис релација. 

Според Милева Горгиева од СДСМ, идејата за туторство е популистичка мерка која нема ништо да подобри и нема да ги стимулира студентите. - Програмата за туторство е нејасна, недоработена и неприменлива. Наместо да се занимаваме со вистинските проблеми воведуваме мерки од другите држави каде се средени состојбите во образованието, рече Горгиева, која предлага дипломираните невработени студенти да бидат тутори.

За Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ, законот е уште една придобивка за младите која СДСМ не сакаат да ја прифатат и ја извртуваат тезата.

- Ја игнорирате целта на законот. Со овој закон ќе им се помогне не само на учениците, студентите и родителите, туку и на самите училишта. Учениците добиваат повеќе знаење и бесплатна обука, а порано мораа да плаќаат од пет до десет евра за еден час, рече Димков.

Претходно Собранието заклучи дека е прифатлив и да се проследи во натамошна процедура Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство. Се предлага да се изврши уредување на овластувањата на рибочуварите кои ги чуваат државните риболовни води кои не се дадени на концесија од бесправен риболов и риболовни кражби, а се врши и доуредување на прекршочната комисија.

На денешната седница Парламентот го именува Неџбедин Ибраими, дипломиран правник од Кичево, за заменик генерален секретар на Собранието, ја разреши Елена Талев од функцијата член на Државниот совет за превенција на детско претстапништво, а за нов член го именува Миле Гиновски, советник во Министерството за образование и наука.

Според одлуката на Собранието, по скратена постапка ќе се носат предлог законите за изменување и дополнување на законите за урбанистичко планирање, со кој се кратат постапките за носење урбанистички планови, и за јавните патишта, со кој се овозможува во случај на елементарна непогода, работите за рехабилитација на општинските патишта да може да ги врши Државната агенција за патишта.  По скратена постапка ќе се носи и закон за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, со кој се предвидува во случај на временска непогода сите земјоделски стопанства кои претрпеле загуби да добијат 100 проценти надомест на штета и да не се пребиваат со долгови. Со предложените измени на Законот за буџети, пак, што исто така ќе се носи по скратена постапка, целта е да се обезбеди непречена исплата и надомест на штетата на средства за домаќинствата погодени од поплавите.

Парламентарното мнозинство не го усвои предлогот на пратеникот од СДСМ Горан Сугарески  по скратена постапка да се донесе Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност.  Не беа прифатени и барањата на независната пратеничка Роза Топузовска Каревска да се тргне од дневен ред  Предлогот за носење по скратена постапка измени на Законот за урбанистичко и просторно планирање затоа што измените не биле со итност, и на Томислав Тунтев од СДСМ за повлекување од собраниска процедура на предлог законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институци.