Македонија
15. September 2017 - 15:01

Собранието расправа по измените на Законот за медицински студии и континуираното стручно усовршување на докторите

Укинување на обврската на докторите за задолжителни обуки во странство, предлага владата на СДСМ со законот што денеска е на дневен ред во Собранието на Република Македонија.

Јагода Шахпаска од СДСМ посочи дека причината за укинување на обуките во странство е затоа што тој проект не се покажал корисен и продуктивен, а се потрошиле од 2014 до 2017 година 105 милиони денари од буџетот на Министерството за здравство. 

- Потрошени се 105 милиони денари народни пари, пари собрани од џебовите на граѓантие за обуките во странство кои со ништо не придонесоа за подобрување на состојбите во македонското здравство. Беа трошени пари без никаква корист, пари трошени во здравствен туризам, рече Шахпаска и додаде дека имало и нерамномерна распределба на докторите кои оделе на обуки при што некои оделе и по шест пати, а некои ниту еднаш. 

Таа појасни дека со новиот закон обуките, стручното усовршување на докторите ќе се прават согласно потребите на јавната здравствена установа и оти ЈЗУ ќе биде таа што ќе ги подмири трошоците за обуките.

Покрај ова со предлогот се укинува обврската за полагање стручен испит по завршување на втора година студии, ангажирањето професори и користење стучна литаретура од странски универзитети,  проверката на докторите кои имаат 25 години работен стаж, како и видеоснимањето на сите интервенции.

Новото законско решение ќе се применува за студентите запишани од 2014/2015 година,а оние од учебната 2013/2014 година ќе студираат по постојното законско решение. 

На обраќањето на Шахпаска беа пријавени 20 реплики, на што претседателот на Собранието Талат Џафери порача до пратениците дека не се придржуваат до договореното дека денеска до 17 часот треба да поминат законите што се во интерес на граѓаните. 

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека се случува хаос во здравството и оти новата Влада го прекинала најголемиот проект во здравството, изградбата на Клиничкиот центар.

Неговиот сопартиец Горан Манојлоски посочи дека специјалистите очекуваат СДСМ да го оствари ветувањето од 100.000 плата и праша колку специјалисти замиле во изминатите 3 месеци.

Шахпаска истакна дека ВМРО-ДПМНЕ направиле голем број специјалисти да ја напуштат Македонија, при тоа посочувајќи дека еден специјалист државата ја чини 100 илјади евра.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека во првите 100 дена можело да се види неодговорност во здравството.

- Во изминатите 100 дена можевте да видите како не треба да се однесувате еден ден кога ќе бидете одговорни лекари или специјалисти. Како не треба да се третираат пациетни и како не треба да се има таков арогантен однос во здравството, посочи Милошоски.

Шахпаска потенцира дека претходниот закон го создаде хаосот во здравството и оти со последиците не можат да се соочат.

Поради протоколарни обврски претседателот на Собранието Талат Џафери на пратениците им даде пауза и ги повика да стојат на ставот дека овие законски решенија треба да поминат во интерес на граѓаните.

Седницата продолжува во 15 часот, а на дневен ред се законот за минимална плата, стечајците, за радиодифузната такса и Предлог одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието на Република Македонија.

На денешното продолжение треба да се разгледаат и Предлог законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, поднесен од пратеници од мнозинството, Предлог законот за дополнување на Законот за исплата на платите во Република Македонија, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за извршување, Предлог законот за издавање вредносни бонови - ваучери, сите по скратена постапка, поднесени од пратеници од опозицијата. 

Пред пратениците се и Предлог законот за ратификација на Спогодбата за соработка меѓу Владата на Република Македонија и Советот на министрите на Босна и Херцеговина во процесот на пристапување во Европската Унија и Предлог на закон за ратификација на Договорот од Париз.