Македонија
28. јуни 2016 - 18:05

Собранието донесе три закони по скратена постапка

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа на 107-та седница едногласно, со  62 гласа „за“ ги донесе измените и дополнувањата на Законот за вработување и  осигурување во случај на невработеност, по скратена постапка.

Со носењето на измените се овозможува и практично да почне да се спроведува проектот „Македонија вработува 2“ со кој се планира за една година вработување да најдат 20.000 невработени лица.

Како што истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, мотив за новите измени на Законот за вработрувањето и осигурувањето во случај на невработеност им дале успешните резултати од преоктот „Македонија вработува 1“ преку кој во изминатиот период вработување нашле речиси 20.000 лица.

- Во Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност е предвидено ослободување од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и ослободување од плаќање персонален данок за работодавачите од приватниот сектор со цел да им се овозможи опфат на поголем број категории на невработени лица. Основна цел е вклучувањето на невработени лица во пазарот на труд и социјалното осигурување преку поддршка, на подолг рок, со што ќе се овозможи зголемување на сигурност во вработувањето и социјалното осигурување на подолг рок, рече Спасов. 

Законот, прецизира, се заснова на истите начела на кои се заснова основниот текст на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.

- Работодавачот од приватниот сектор, по претходно поднесено барање до Агенцијата, ќе биде ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход, доколку невработеното лице кое сака да го вработи, во последните две години не било претходно вработено кај него. Услов е и да не го намалил бројот на вработени лица сметано од 15 март 2015 година до денот на вработувањето на нови работници, освен во случај на смрт или пензионирање, рече Спасов.

Работодавачот, додаде, може да користи користи ослободување од плаќање на придонеси на задолжително социјално осигурување доколу вработи невработено лице на возраст од 35 до 50 години, кое во последните 15 години било најмалку 10 години невработено и најмалку три месеци пред вработувањето немало заснован работен однос, невработено лице на возраст над 50 години и невработено лице кое е родител на три или повеќе деца кое најмалку три месеци пред вработувањето немало заснован работен однос, самохран родител и член на еднородителско семејство кое најмалку три месеци пред вработувањето немал заснован работен однос, приматели на социјална парична помош, деца без родители и родителска грижа, жртви на семејно насилство, инвалидно лице со утврдена инвалидност и со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50 отсто, професионални војници на кои им престанал работниот однос и родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додаток најмалку три месеци пред вработувањето.  Ослободувањето важи и за вработување невработено лице на возраст над 58 години кое во последните две години пред вработувањето немало засновано работен однос.

Работодавачот кој ќе вработи лице од 35 до 50 години е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 60 месеци од денот на вработувањето. Тој е должен да го задржи лицето уште 12 месеци, по истекот на периодот во којшто е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување. Работодавачот кој ќе вработи лице над 50 години и од социјалните категории, е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување во траење од 60 месеци од денот на вработувањето,  доколку вработи лице над 58 години е ослободен од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување до исполнување на условите за стекнување на правото на старосна пензија. Договорот за вработување треба да биде склучен на неопределено време, со полно работно време.

Ослободувањето од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика, а разликата над просечната бруто плата за придонесите од задолжително социјално осигурување ја пресметува и плаќа работодавачот.

Користењето на мерките ќе престане доколку работодавачот по вработувањето на лицата има долг по основ на неисплатена плата, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци за два последователни месеца. Работодавачот е должен да го плати износот на средства за кој бил ослободен од плаќање за изминатиот период.

Работодавачот кој нема да го задржи лицето уште 12 месеци по истекот на периодот за којшто е ослободен од плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход е должен во рок од 30 дена да го уплати износот на средства за кој бил ослободен од плаќање за изминатиот период. 

Тој е должен да не го намали бројот на вработени за целиот период за кој е ослободен од плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход, освен во случаи на смрт или пензионирање.

Работодавачот е должен да не го намали бројот на вработени за кои не користи ослободување за целиот период за кој е ослободен од плаќање на придонесите за задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход, освен во случаи на смрт или пензионирање.

Доколку работодавачот го откаже договорот за вработување од основани причини должен е во рок од 30 дена на негово место да вработи друго невработено лице од истата категорија за преостанатиот период за којшто користи ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход и преостанатиот период за кој има обврска да го задржи лицето во работен однос.

Собранието едногласно ги донесе и законите за дополнување на Законот за јавни набавки и за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, двата по скратена постапка.