Свет
21. March 2016 - 13:25

Со тајна операција Израел спаси 19 Евреи од Јемен

Израел синоќа спроведе тајна операција за спасување на 19 Евреи од Јемен, за да ги избегнат насилствата на кои биле изложени последниве години, соопшти денеска Еврејската агенција, која е задолжена за миграцијата на Евреите.

Како што објавија израелските медиуми, спасените во акцијата се меѓу последните преживеани припадници на една од најстарите еврејски заедници во светот.

Со оваа акција завршува „историската мисија“ за преселување на јеменските Евреи во Израел, која започна во 1949 година. Во Јемен доброволно останеле да живеат околу 50 Евреи, од кои 40 се наоѓаат во главниот град Сана, во кварт сосема близу до американаката Амбасада.

Јеменската група била префрлена во Изрел во операција, што претставник на агенцијата ја означи како „комплексна и тајна„.

Меѓу префрлените 19 Евреи, се наоѓа и еден рабин, кој со себе во Израел донел свиок од Тора, за кој се верува дека е стар меѓу 500 и 600 години.

Состојбата на Евреите во Јемен значително се влоши по вооружениот бунт на шиитските Хути од почетокот на минатата година, затоа што нивното движење и натаму заговара „смрт на Америка и на Израел“ и „пораз на Јудаизмот од Исламот“.

Претходно, од оваа арапска земја на крајниот југозапад од Арабискиот Полусотров, беа префрлени 200 јеменски Евреи, најголем број од нив од градот Рајда, како и едно многучлено семејство од главниот град Сана.

Префрлањето на Евреите од Јемен во Израел е започнато набргу по создавањето на израелската држава во 1948 година. Во 1949 и 1950 година, на израелската територија се префрлени повеќе од педесет илјади јеменски Евреи.