Бизнис
25. July 2015 - 14:12

Со проектот „Македонија вработува“ вработени 3.850 лица

Проектот „Македонија вработува“ за неполни три месеци ги дава очекуваните резултати. Вработени се 3.850 лица во Македонија, а во општина Кочани бројот на вработените преку овој проект е 256 лица. Тоа се нови вработувања, претежно во компаниите „Антура“ и „Амфенол“, но и во неколку помали странски компании  во општината.
 
Ова денеска го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов при посетата на Облешево, каде ја пушти во употреба новата градинка.
 
За новиот проект на Министерството за труд и социјална политика и Агенцијата за вработување за обука на побарувани занимања на пазарот на трудот, Спасов истакна дека ќе се обучат 220 невработени, на механизацијата и машините кои функционираат во приватните компании, кои се подготвени да вработат обучени кадри.
 
- Со ова ќе се зголемат нивните способности и вештините  кои ги поседуваат, а со тоа ќе се зголеми нивната  вработливост и можноста побрзо да стигнат до работно место. За реализација на оваа мерка обезбедивме вкупно 12.000.000 денари, појасни Спасов.