Македонија
3. March 2021 - 20:07

Со 62 гласа „за“ изгласана доверба за Владата на Заев

Владејачкото мнозинство во парламентот попладнево ја потврди довербата на владиниот кабиент на премиерот Зоран Заев. За доверба гласаа сите пратеници од коалицијата на СДСМ и БЕСА, заедно со ДУИ. Опозицијата не беше присутна во салата.

Тој неколку часа претходно на собраниската говорница го искористи своето право да побара гласање за доверба на Владата откако изминативе недели опозицијата обвинуваше дека власта го нема потребното мнозинство од 61 пратеник.

Заев е прв премиер која ја искористи можноста од Деловникот усно да го постави прашањето за доверба на Влада. Според правилата тоа значеше дека кон гласање ќе се пристапи веднаш без расправа во парламентот. Опозицијата обвинува за манипулација.

Според Уставот и Деловникот, прашање за недоверба на Владата може да покренат најмалку 20 пратеници. Во таков случај, собранискиот спикер веднаш ја закажува седницата за гласање на недоверба која завршува со гласање на третиот ден по поставениот предлог. По ова гласање, според членот 92 од Уставот ново прашање за недоверба не може да се покрене во наредните 90 дена.

Според членот 93 од Уставот и членот 217 од Деловникот, прашање за доверба може пак, да покрене и самата Влада односно премиерот усно на седница и тогаш се оди на гласање веднаш без расправа во законодавниот дом.