Балкан
17. јуни 2020 - 17:44

Словенечките епидемиолози предупредуваат дека поради отворањето на границите имаат новозаразени со коронавирусот

Во Словенија регистрирани четири нови случаи на лица заразени со коронавирусот, а епидемиолозите предупредуваат дека тоа е директна последица од отворањето на границите.

Денешните податоци на Националниот институтот за јавно здравје во земјата има четири новозаразени лица, што е повеќе за еден во споредба со вчерашниот ден.

Шефицата на Советот Ковид-19 при Министерството за здравство Бојана Беовиќ предупреди дека повторниот пораст на инфекциите со коронавирусот е поради начинот на кој се отворија граничните премини.

– Заострените мерки на границите требаше уште да бидат во сила. Начинот на кој сега се отворија граничните премини е причина за ширењето на вирусот. Овие последни случаи можат да резултираат со повеќе десетици новозаразени со вирусот, изјави Беовиќ за Радио Словенија.

Во меѓувреме и премиерот Јанез Јанша предупреди дека Словенија многу лесно може да се соочи со нов втор бран на коронавирусот. Тој упати и порака до Словенците дека доколку не се придржуваат до строгите протоколи сигурно ќе има повторно воведување на рестриктивни мерки со цел зачувување на јавното здравје.