Македонија
5. August 2016 - 13:08

Скопски летен ритам од вечер на градските плоштади, над 40 настани и сто учесници

Сто реномирани уметници и изведувачи од сите културни институции, како и дел од учесниците на проектот „Улични музичари и артисти“ ќе бидат вклучени во над 40 културни-уметнички настани кои во рамки на проектот „Скопски летен ритам“ во вечерните часови од денеска и секој петок, сабота и недела до крајот на летото или до октомври, ќе се одржуваат на скопските плоштади „Македонија“, „Филип Втори“, „Богородица“, „Мајка Тереза“ и „ВМРО“.

„Скопскиот летен ритам“ почнува вечер во 20:30 часот на плоштадот „Мајка Тереза“ со настап на дел од уличните музичари. Настаните се во организација на ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“ и Град Скопје.

Директорката на ЈУ „Конгресен центар Александар Македонски“, Вера Бошковска денеска на плоштадот „Мајка Тереза“, пред објектот на Македонската опера и балет, изјави дека проектот „Скопски летен ритам“ е проширување со дополнителни содржини на проектот „Улични музичари и артисти“, кој се одржува шеста година по ред.

Таа рече дека целта на проектот „Скопски летен ритам“ е културно-забавно анимирање на граѓаните, туристите и на сите намерници во централното градско подрачје. 

- Културните содржини ќе бидат на отворен простор и нема да се наплаќаат влезници. На плоштадот „Богородица“ ќе има етно и фолк содржини, на „Мајка Тереза“ ќе има сериозна музика, на „ВМРО“ ќе има содржини за децата и младината, а на „Филип Втори“ и на „Македонија“ ќе има активности од сите видови жанрови, рече Бошковска.

Посочи дека културно-уметнички настани вклучуваат музички и театарски перформанси. Овие две недели, нагласи, настаните ќе бидат со почеток во 20:30 часот, а потоа од 20 часот.

- Некои денови ќе има настани само на едни плоштади, а во други денови ќе има поклопување на настаните. Утревечер едниот настан ќе биде на платото пред црквата „Св. Богородица“ каде во 20:30 часот ќе настапи КУД „Вапцарови“, а другиот ќе биде на плоштадот „ВМРО“ каде рок бенд ќе ги забавува младите. В недела на плоштадот „ВМРО“ ќе настапи друг рок бенд, рече Бошковска и додаде дека ако има интерес културно-уметнички настани ќе се одржуваат и во другите денови од неделата.