Македонија
28. January 2025 - 10:29

Скопје на 37. место по загаденост, прекинат прагот на алармирање во Битола и Струмица

Скопје утрово се најде на 37. место по загаденост во светот, според податоците на „iqair“. Во регионот, за споредба, Атина е на 21., а Приштина на 22. место. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) пак утрово соопштија дека прекинат е прагот на алармирање за загаден воздух во Битола и Струмица.

- Согласно податоците од ДАМСКВ на ден 27 јануари, среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3 и епизодата од два последователни денови со надминување на прагот на алармирање за ПМ10 е прекината во Битола и Струмица, се појаснува во соопштението на МЖСПП.

Во неделата ноќта МЖСПП информираше дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри - надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови, бил надминат на мерното место - Струмица.

- Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели - Службен весник на Република Македонија број 183 од 14.12.2017 година, беше наведено во соопштението на МЖСПП.

Согласно настанатата состојба, како што додадоа од Министерството, за Струмица важеа неколку мерки.

- Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола. Да се интензивираат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на инсталациите со Б-интегрирани еколошки дозволи и елаборати. Инсталациите со континуиран мониторинг да овозможат јавен пристап на измерените податоци. Да се интензивираат вонредните контроли на техничката исправност на возилата, особено оние со дизел горива и нерегистрирани возила. Да се интензивираат вонредните контроли на градилиштата. Забрана на горење на отворено, беше истакнато во соопштението.

Се препорачуваше на сите правни субјекти - работодавци, да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар. Исто така, се препорачуваше на сите правни субјекти - работодавци да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено, да работат од 11 до 17 часот. Се препорачуваше и да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.