Loading Video...
Живот
20. May 2018 - 15:02

Сиракуза, идеално место за одмор и долги прошетки - што нуди туристички бисер на Јонското море

Еден од градовите од светското културно наследство е Сиракуза, лоциран на истокот од островот Сицилија, на крајниот југ на Италија. Тој е главен град на истоимената провинција, туристички бисер на Јонското море. Градот важи за лулка на цивилизацијата со својата богата историја која датира од пред 2700 години.

Како и секој приморски град, со блага медитеранска клима, се обидува да го задржи вниманието на туристите преку целата година. Сиракуза плени со својата историја, традиција и богато културно наследство.

Уште во антиката Сиракуза ја населиле Грци од Коринт и тогаш е забележан нејзиниот најголем развој. Потоа ја освоиле Римјаните, Византијците, Норманите, Арапите, Шпанците. Во текот на повеќевековното живеење, сите освојувачи ја збогатиле содржината на градот со прекрасни градби кои и ден денес постојат и градот со право е прогласен за Светско културно наследство под заштита на УНЕСКО.

Археолошкиот парк Неаполис, островот Ортиџа со барокните градби , изворот на Аретуса, се дел од атрактивните локации во Сиракуза.

Во огромниот археолошки локалитет речиси едно до друго постојат античкиот грчки театар и римскиот амфитеатар.

Во грчкиот театар свое место за творење имал познатиот математичар, астроном и пронаоѓач Архимед, родум од Сиракуза. Познат по изреката „Еурека“ му се припишуваат изумите како лост, сврдел и смртоносниот зрак. Проучувајќи ги круговите, неговите закони се уште се применливи во математиката и геометриајта.

Една од популарните атракции во археолошкиот локалитет е Увото на Дионисиј - уникантна висока пештера која наликува на човечко уво и е со одлична акустика.

На влезот во Неаполис се наоѓа и Римскиот амфитеатар што се користел за крвави гладијаторски борби до смрт. Таму за првпат е забележан базен каде влегувале гладијаторите и никогаш не знаеле што ги чека во водата. Извесна била само нивната смрт пред илјаднициите гледачи во амфитеатарот кои се забавувале со несреќната смрт на борците.

Старото градско јадро на Сиракуза е островот Ортиџа каде доминира прекрасна катедрала изградена во 7 век врз темелите на грчки храм посветен на Атена чии столбови се уште ја крепат оваа раскошна барокна католичка црква.

На овој плоштад е снимен култниот филм „Малена“ со Моника Белучи во главната улога, а уште една атракција тука е базиликата Света Луција во која Караваџо насликал една од своите слики.

Фонтаната на Аретуса е едно од ретките места во светот каде расте билката папирус. Според старогрчкиот мит, фонтаната со природна изворска вода и билката папирус во средината е местото каде нимфата Аретуса, заштитничка на Сиракуза, се вратила на површината откако побегнала од подводниот свет во Аркадија.

Од оваа фонтана се влегува во прекрасната градина насадена со неколу дрвја фикус кои со текот на годините прераснале во џиновска зелена атракција, нудејќи дебела сенка при долгата прошетка низ Сиракуза.

Посетата на овој град може да се заокружи со прекрасни италијански специјалитети, во некој од рестораните со прекрасен поглед на море.