Синдикат на „Фени”: Банките поставуваат нереални барања за гаранции до бугарскиот инвеститор
Банките поставуваат нереални барања за гаранции до бугарскиот инвеститор, рече доцна синоќа во изјава за медиумите Ѓоре Палитов, претседател на Синдикалната организација во „Фени индустри”. Тој информираше дека вчера заедно со транспортерите имале состанок со вицепремиерот Кочо Анѓушев и се договориле во наредните денови да му дадат можност на бугарскиот инвеститор „Енекод” да ја дефинира понудата спрема банките и останатите доверители.
- Со оглед на тоа дека се работи за огромна сума на средства, кои не се наоѓаат преку ноќ, од страна на банките до бугарскиот инвеститор се поставуваат нереални барања за гаранции. Такви гаранции можат да издадат само неколку банки во светот, се со цел „Енекод” да се откаже од купувањето на „Фени”. Бугарскиот инвеститор веќе потпиша договор за купување на “Фени” и тој договор е во сила. Исто така, поднесени се документи до Централен регистар за назначување на бугарскиот инвеститор за преземање на директорските функции во „Фени индустри, соопшти Палитов.
Во целиот случај, според него, се работи за лични интереси на одделни моќници во државата.
- Бугарскиот инвеститор не е откажан од „Фени”, само се прават манипулации да се откаже. Целата игра се игра од банките кои инсистираат фабриката да се продаде на швајцарскиот фонд, кому не знаеме кој му е сопственик, а зад кој имаме сознание дека стојат бивши директори на „Фени”, за кои има и активни кривични пријави. Имаме сознанија дека бугарскиот инвеститор во петокот бил изманипулиран од банките, кои до 16:30 часот не му пуштиле одговор за понудата која ја имал дадено, за да не може да пушти плата на вработените во „Фени”. Лично ја читав понудата од „Енекод” до банките со која во рок од триесет дена се обврзува да вложи 15 милиони долари, а остатокот да се исплатува на рати. „Енекод” побара и дополнителен рок од шест дена да ја зголеми и оваа понуда и ги презема сите долгови, нагласи Палитов.
Смета дека треба да му се даде можност на бугарскиот инвеститор да ја преземе целата фабрика.
- Сакам да напоменам дека банките не можат и нема да дозволиме да одлучуваат за судбината на илјада вработени и уште толку доверители во „Фени”. Банките преку камати во последните 16 години имаат наплатено најмалку колку што е долгот во моментов, додека вработените, транспортерите и другите доверители имаа вложено пари од сопствените џебови. Сега не можат да си ги наплатат, а камоли да наплатат камати, како што тоа го прават банките овие 16 години. Сега нема да дозволиме банките покрај сите пари кои ги имаат наплатено од „Фени”, повторно да одлучуваат за судбината на „Фени” и на сите доверители, рече претседателот на синдикалната организација.
Синдикатот, додаде, нема да прифати стечај. Информираше дека со штрајкови ќе ги блокираат и судот и банките.
- Доколку за нас нема работа, нема да има ниту за нив, најави Палитов.
Стечајот е неприфатлив, рече, затоа што во случај на стечај, вработените треба да седат дома и да не земаат плата.
- Ние како вработени во „Фени“ и јас како претседател на Синдикатот нема да останеме мирни и добродушни и на сето ова, да седиме и молчиме. Ние мораме да си ги одбраниме нашите права. Толку народ да остане без корка леб, нема да дозволиме, рече Палитов.
Појасни дека на тричасовна средба со Анѓушев тој им тврдел дека Владата ќе се заложи за да не дојде до стечај во „Фени индустри”. Само што стигнале во Кавадарци, биле известени дека банките побарале стечај за „Фени”. Тоа многу ги изреволтирало. Нагласи дека не можат да прифатат стечај.
Најави дека во текот на деннов ќе одржи состанок со Одборот на синдикатот и со сите вработени и ќе одлучат за понатамошните активности.
Ново на Сител
-
Тема на денот со Борко Ристовски, министер за спорт
-
Мицкоски оптимист за ЕУ интеграцијата и покрај ставовите на Кос
-
Гаши за уставните измени
-
Mицкоски ќе оди на средба со банкарите – да им го каже она што сакал да им го каже
-
Скопје на седмо место според загаден воздух во светот – почна сезоната на алармантно аерозагадување
-
Десет дена Виница се гуши во отпад
-
Граѓански собир во Охрид за решавање на проблемот со дивите депонии
-
Слаб интерес за приклучок на гасоводната мрежа во Струмица