Балкан
23. December 2016 - 8:29

Симиќ: Заедница на српски општини - клуч за опстанокот на Србите на Косово

Координаторот на пратеничката група на „Листа српска“ во Собранието на Косово Славко Симиќ ја повика владата и институциите на Косово да почнат со спроведување на Договорот за формирање Заедница на општини со мнозинско српско население.

- Клучот за опстанокот на српскиот народ, кој треба да продолжи да живее во Косово и заедно да гради иднина со Албанците, е создавање Заедница на српските општини, изјави Симиќ.

Појавувањето на координаторот на пратеничката група на „Листа српска“ во Собранието на Косово доаѓа по повеќенеделен бојкот на работата на институциите на земјата.

Дел од пратеничката група на „Листа српска“ се врати вчера во косовскиот парламент, затоа што, како што вели Симиќ, само на тој начин ќе успеат да ги реализираат барањата на српскиот народ на Косово, но оти и понатаму не се согласуваат со законот за Трепча и оној за стартешки инвестиции.

Симиќ признава дека условите не се целосно исполнети и оти сите треба да бидат свесни колку е тешко враќањето во инситуциите каде се игнорираат барањата и потребите на српската заедница.

Тој додава дека „Листа српска“ ќе продолжи преку претставниците на овој политички субјект да се бори за правата на Србите.

Пратениците на „Листа српска“, кои се од Социјалистичкото движење и Слободан Петровиќ од Либералната партија учествуваа на седницата на косовскиот парламент на која се расправаше за буџетот за 2017 година, додека пратениците од Српската напредна странка продолжуваат со бојкотот.

Недоразбирањата во редовите на „Листа српска“ избија во средината на овој месец, по смената на, сега поранешниот, министер за локална самоуправа Љубомир Мариќ кој е од редовите на Српската напредна странка од страна на премиерот Иса Мустафа, кој овој чин рече дека е во согласност со „Листа српска“.