Македонија
4. February 2020 - 20:55

Силно невреме во Скопје, ветерот корне дрва

Вечерва силен ветер дува во Скопје. Во населбата Карпош 4 ветерот откорна големо дрво кое за среќа не предизвика поголема несреќа. Паднати дрва го попречуваат сообраќајот и во Карпош 1.

Ударите на ветрот се над 100 километри на час , а делови на градот се без електрична енергија. Засега нема информации за причинета штета или повредени граѓани .

Прогнозата на Управата на хидрометеоролошкиот завод е дека од вечерва временските прилики ќе се променат и дека ќе има и врнежи од дожд, кои во втората половина од ноќта ќе преминуваат во снег.

Силно невреме од утрово владее и во Унгарија, Србија и Босна и Херцеговина. Пожарникарските служби во овие земји примиле стотина повици на граѓани кои пријавиле штета причинета од бурата. Засега нема информации за повредени лица.

Во главниот град на Унгарија е издадено предупредување од втор степен поради силните ветрови.