Силна поддршка и од Австрија, Словенија и Чешка за одржување на првата Меѓувладина конференција
Еден ден по изнесувањето на португалскиот предлог за одблокирање на процесот на натамошна интеграција на Македонија во Европската Унија, во Скопје со поддршка на нашиот пат кон ЕУ, но и на предлог решенијата пристигнаа министрите за надворешни работи на Австрија, Словенија и Чешка.
Александер Шаленбер, Анже Логар и Јакуб Кулханек, вчера дадоа безрезерва поддршка за евроинтегративните процеси на Македонија, но застанаа и зад предлогот на португалското претседателство, оценувајќи го како клучен чекор со кој ќе се засили темпото на интегрирање во Унијата.
Министрите се согласија дека Македонија успешно ги завршила сите предвидени реформи кои треба да гарантираат одржување на првата Меѓувладина конференција и сега на ред е ЕУ да го испорача ветеното. Тие во посета на Македонија беа во својство на претставници од неформалната група земји – членки на ЕУ „Ц5“, во која освен Австрија, Словенија и Чешка, членуваат и Словачка и Унгарија, за да ја презентираат дискусијата од Советот за надворешни работи и да дознаат за напредокот на земјата што е постигнат со соседна Бугарија.
Во петокот во посета на Скопје, а претходно во Софија, пак, беа шефот на португалската дипломатија Аугусто Сантош Силва и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, кои ги презентираа предлог решенијата за спорот. За Скопје тие се добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ, која не задира во македонските идентитетски прашања, додека Софија бара јасни гаранции за нејзините национални интереси и за целосно спроведување на Договорот од 2017 година.
Детали од предлогот засега не се знаат, освен што властите во земјава, велат дека тој е добра основа за пронаоѓање решение. Министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој вчера беше домаќин на тројцата министри, на заедничката прес-конференција истакна дека не треба преку медиумите да се изнесуваат детали за предлогот и повтори дека тој е добра основа за натамошно продолжување на разговорите со Софија.
Османи вчера изрази благодарност до португалското претседателство на ЕУ поради тоа што не ставило високо во нивните приоритети во претседавањето. Тој истакна дека предлогот доаѓа во време кога Македонија и Бугарија и билатерално воспоставиле комуникација и работат на враќање на довербата.
-Деновиве двајцата претседатели ќе патуваат заедно за Ватикан. Во меѓувреме се договориме со бугарското Министерство за надворешни работи, во неколку амбасади, низ неколку главни градови во светот, заеднички да го одбележуваме Денот на Св.Кирил и Методиј и да продолжиме со имплементација на чекорите на секторска соработка, бидејќи како што често кажувам во услови на недоверба и најмалите проблеми изгледаат ненадминливи, во услови на доверба сите прашања може да се решаваат, рече вчера Османи.
Нагласи дека сите предлози коишто ќе ја зајакнат довербата во имплементација на Договорот за добрососедство се дел од решението.
-Не мислам дека денеска преку медиуми треба да зборуваме за деталите на португалскиот предлог. Констатиравме дека е добра основа, да се продолжат овие разговори во деновите што доаѓаат. Реално роковите се кратки. Денес сме точно 30 дена пред одржување на Советот за општи работи на 22 јуни, а имајќи ги предвид другите тела коишто заседаваат порано тоа се ефективни две до три недели во коишто сите треба да се ангажираме, сите треба да се мобилизираме, бидејќи јас се сложувам дека јунскиот Самит е неповторлива можност која што ни се нуди, изјави вчера Османи.
Тројцата шефови на дипломатии ги поздравија реформите во земјава, заклучија дека таа заслужува да биде дел од европското семејство, дадоа поддршка за почеток на преговорите.
Шефот на словенечката дипломатијата, чија земја е следниот претседавач на Унијата, Анже Логар на заедничката прес-конференција го потенцира значењето на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, како и дека тоа ќе биде приориритено прашање за словенечкото претседателство, кое стартува од 1 јули.
-Словенија секогаш вложува многу напори во остварувањето дијалог и знаеме дека со добар дијалог можеме да ги постигнеме посакуваните резултати и сакаме да ве поттикнеме да продолжите по тој пат. Гледаме многу позитивни подобрувања, што беа презентирани денеска и исто така задоволство ни е што претседателите на Македонија и Бугарија заедно ќе отпатуваат в среда во Рим, потенцира вчера Логар.
Тој истакна дека посетата на Рим е одлична можност да се дискутира за прашањето, а во меѓувреме, тој посочи дека министрите за надворешни работи ќе направат се што можат да и помогнат на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како и во однос на започнување на Меѓувладината конференција.
За Австрија, како што истакна, австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг, целосното членство на Македонија и Албанија, но и сите земји на Балканот е стратешки интерес.
-Тоа е наше непосредно соседство, во политичка, културна и економска смисла. Ние имаме половина милион граѓани во Австрија со семејно потекло од Западниот Балкан, па така имаме многу силни човечки врски меѓу нас. Нашата цел и целта на следното претседателство е да ве задржиме јасно на патот кон ЕУ. Се разбира, европското обединување не е целосно се додека сите земји од Западен Балкан не станат членка на ЕУ, рече Шаленберг.
Во однос на билатералните прашања напомена дека тие не треба да го блокираат процесот на пристапување. – Но, мислам дека сите се согласуваме дека мора да се справуваме со прашањата и затоа целосно ги поддржуваме напорите на португалското претседателство, заедно со министрите овде и во Софија и целосно ги поддржуваме напорите на следното словенечко претседателство, во рамките на кое во текот на есента ќе се одржи многу важен самит за Западниот Балкан, рече Шаленберг.
Чешкиот министер за надворешни работи Јакуб Кулханек истакна дека нивната зедничка посета на Македонија имала цел да испрати јасна и гласна порака дека сериозно го ценат напредокот којшто земјата го направи досега во процесот на пристапување кон ЕУ.
-Почетокот, всушност на вистинските преговори за членство на Македонија одамна доцни и Чешка, Австрија и Словенија, како и други истомисленици меѓу земјите членки на ЕУ силно ја поддржуваат иницијативата на португалското претседателство со Унијата да се организира првата Меѓувладина конференција во јуни. Не смее да има нови одложувања, истакна тој.
Додаде дека е клучно да се знае оти овој важен чекор во процесот на пристапување е искомплициран поради билатерален спор со соседна земја.
– Градењето добрососедски односи е клучна компонента на процесот за пристапување. Сепак користејќи го овој процес за да се поставуваат конкретни билатерални барања, не е фер, и не е во ред. Се надеваме дека овој билатерален спор ќе се реши преку билатерални преговори навремено, истакна Кулханек.
Тој додаде дека не може и не смее да се дозволи да се заглави во ваквите историски спорови и барања. -Ја планираме оваа конференција во јуни, го спомнавме тоа, и сакаме да направиме се што е можно за да таа се случи и затоа сме овде сите тројца министри за да ја покажеме нашата силна поддршка за С Македонија, истакна чешкиот министер.
Во однос на португалскиот предлог вчера се осврна и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која, како што кажа, партискиот потпретседател Александар Николоски немала увид во него и не ги знае деталите за тоа што се разговарало.
– Македонија треба да почне преговори за членство, но надворешната политика доживува целосно фијаско, всушност и самото тоа што имаше предлог покажува дека Зоран Заев лажеше, кој прво вети, па потоа рече дека исполнил решавање на сите проблеми со соседите, па кога го потпиша оној штетен договор со Бугарија во 2017 година рече дека сите проблеми со соседите се решени, за да денеска видиме дека воопшто не се решени, туку резултираа со вето од Бугарија за почеток на преговорите за членство и сега гледаме дека тој Договор со Бугарија не бил доволен, па се даваат нови предлози коишто претпоставувам дека се надвор од Договорот, вели Николоски.
Силва и Вархеји завчера беа во дипломатска мисија во Скопје и Софија за да разговараат со официјалните претставници на двете земји за проширувањето на ЕУ и можноста за одблокирање на процесот со цел одржување на првата Меѓувладина конференција со С Македонија.
Премиерот Зоран Заев за предлог решенијата на Силва и Вархеји рече дека „имаме добра основа за отстранување на пречките за отворање на преговорите со ЕУ со решение кое не задира во македонските идентитетски прашања и за кое сме убедени дека е прифатливо и за круцијалните позиции на Бугарија“. Тој додаде дека со тимот во Владата задолжен за овие преговори, пред сѐ со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и со министерот за надворешни работи Бујар Османи, сериозно и одговорно ќе ги разгледаат сите детали од предложеното решение.
-Важно е дека, во овој момент јасно и одговорно можеме да кажеме дека предлогот е добра основа за постигнување решение за проблемот, решение со кое ќе се отстранат сите пречки и ќе се отворат преговорите преку одржување на првата меѓувладина конференција за Македонија. За нас, особено важно е што со ова предлог-решение никако не се допира и не се навлегува во нашите македонски идентитетски прашања, со што нашата круцијална позиција е задоволена, а силно сме убедени дека предлогот е добра основа и за круцијалните позиции на Бугарија, изјави Заев по состанокот со Силва и Вархеји.
Шефот на португалската дипломатија, пак, истакна дека целта е Скопје и Тирана да ги почнат преговорите за време на португалското претседателство со ЕУ.
-Во тек е како што знаете португалското претседателство со ЕУ, и еден од на најважните процеси којшто е приоритетен за нас, секако е проширувањето. Тоа е навистина битно прашање за нас и во моментов имаме два тековни процеси и сме во очекување да ги одржиме првите меѓувладини конференции со С Македонија и Албанија, рече португалскиот министер за надворешни работи.
Силва и Вархеји претходно завчера беа на средби со Софија, а шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев по средбите рече дека Бугарија е отворена за активен, отворен и целосен дијалог со Република Македонија. Тој изјави дека очекува „соседите во регионот“ да работат во дух на искреност и конструктивност, нагласувајќи дека постои целосен континуитет во бугарската политика во однос на Македонија и дека за Бугарија останува клучно да се одржат добрососедските односи и да се спроведува Договорот за добрососедство и пријателство од 2017 година.
Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, за време на средбата со Вархеји и Силва истакна дека за Бугарија европската перспектива на Западен Балкан и проширувањето на ЕУ се неспорен приоритет, но додаде дека сакаат да видат не само декларации, туку јасни гаранции за нивната национална безбедност и нивните национални интереси.
Ново на Сител
-
Муртезани: Предвремени избори при стабилна влада се несериозни изјави за дневна политика
-
Бројот на загинатите во Либан од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хезболах е над три илјади
-
Дала воена информација на Русија: Украинка осудена на 15 години затвор под обвинение за предавство
-
Совет за безбедност: Состојбата во земјата е стабилна, надлежните институции редовно ги следат состојбите во државата
-
71-годишен маж од Делчево нападнал дете
-
Скопјанка нападната во казино во Шутка
-
Баба и млад скопјанец се судриле со автомобилите, па физички се пресметале
-
Горан Весиќ најави оставка од функцијата министер за градежништво на Србија