Свет
11. August 2017 - 13:58

Си-Ен-Ен: Превентивен напад врз Северна Кореја не е победничко решение

Евентуален превентивен американски напад врз Северна Кореја не би претставувал победничко решение за САД, иако некои високи воени претставници ја промовираат оваа идеја, оценува американската телевизија Си-Ен-Ен.

Телевизијата проценува дека при евентуален ваков напад, „милиони невини граѓани би се нашле на ударот на размена на огнот, без да имаат време да се евакуираат“.

- Таквата операција би се состоела од брз и повеќедимензионален напад, а во борбата клучни би можеле да бидат првите минути, изјави за Си-Ен-Ен пензионираниот морнарички капетан Џери Хендрикс.

Тој истакнува дека за сега нема информации за деталите на можен превентивен напад, но смета дека една таква операција првенствено би била насочена кон неутрализација на севернокорејските борбени капацитети.

- Спротиставувањето на релативно импресивниот севернокорејски одбранбен систем со ракетите земја-воздух, би можело да се изврши со авиони Ф-22, Ф-35 и со бомбардери Б-2, на кои би им се придружиле и јапонски и јужнокорејски ловци Ф-15  и Ф-16. Исто така, би можеле да бидат користени и безпилотни летала со цел да се намали ризикот од загуби, додава Хендрикс.

Според него, САД би можеле во реонот околу Северна Кореја да стационираат дополнителни трупи во пресрет на нападот, но дека и без нив, американската армија би можела да ја изведе операцијата со силите што сега се наоѓаат во двете големи воени бази во Јужна Кореја.

Си-Ен-Ен оценува дека при евентуален ваков напад клучни за неговиот успех ќе бидат првите минути од почетокот на операцијата.

- Во првите неколку минути од нападот американските авиони и артилерија би морале да ги координираат своите акции со сојузниците со цел да ги уништат илјадниците ракетни лансирни рампи, кои се насочени кон јужнокорејскиот главен град Сеул, наведува Си-Ен-Ен.

Според телевизијата, ова најверојатно би претставувало само почеток, бидејќи не е проблем да се нападне Северна Кореја, туку проблемот е во тоа што ќе следува потоа.

- Вие може да ја нападнете Северна Кореја, на што тие ќе одговорат, а имаат арсенал што може да го уништи Сеул. Се предвидува дека само во првите часови од борбите би загинале стотици илјади жители на Јужна Кореја, кои би биле цели на артилериски гранати, ракети и проектили. Војната би можела да ескалира и до нуклеарно ниво, што би довело до десетици милиони жртви и уништување на 11-та економија во светот, оценува Си-Ен-Ен, додвајќи дека САД не би требало да се коцкаат со вакви работи.