Македонија
7. March 2024 - 16:38

Штрајк: Вработените во национални шуми се уште чекаат плата за јануари

1.800 вработени во Национални шуми стапија во штрајк. На главната врата нема никакво известување. Мини депонијата е единствен знак дека во објектот нема работници.

Вработените се уште ја чекаат јануарската плата, а раководството доцни и со исплата на додатоците.

-Неиздржливо е веќе во овие услови на криза, во услови на зголемени трошоци на живот, луѓето кои работат секојдневно да не добиваат плата. Очекуваме раководството да се вразуми и денеска да се одважи и да исплати плата на овие колеги и колешки. Доколку не го направат ова штрајкот ќе продолжи и во наредниот период, се до исплата на платата. Барањата не се само платите, туку и исплата на додатоците кои не се исплатени со месеци, вели претседателот на ССМ,  Слободан Трендафилов.

Првиот човек на Шуми, Валентин Груевски за Сител вели дека плата ќе биде исплатена најдоцна утре. Појаснува дека не е невообичаено во зимските месеци платата да доцни, а причината за тоа е што нивната заработка е сезонска.

-Во овој период ние немаме речиси никакви приходи, и немаме приливи на средства. Го трошиме она што сме го заработиле до некаде, септември, октомври месец. Не е невообичаено, меѓутоа, не е и оправдано да биде така, вели директорот Валентин Груевски.

Според појаснувањето на Груевски, додатоците на плата ги исплаќала секоја дирекција посебно. Некаде биле исплатени, некаде се доцнело по неколку месеци, но таквата пракса имало и во минатото.

Синдикатот обвини дека во предизборен период во Национални шуми вработени биле 400 работници, а плата за вработените нема. Директорот вели дека од 2019 година немало ниту едно вработување, туку се ангажирале работници по неколку месеци годишно.

-Во 2023 и претходните вработувавме работници кои работеа тука по 7-8 месеци во текот на годината, во зависност од периодот кога ги примивме. И сега, направивме само трансформација на луѓето кои 5-6 години доаѓаа кај нас и работеа. Без тие луѓе, ако не останат кај нас и ако останеме така ќе биде доведено целокупното работење на претпријатие во прашање, вели Груевски.

Но во Национални шуми се вработуваше и по Балансер. Огласи беа објавувани за Албанци во Берово и Кратово, што предизвика лавина реакции. Последниот пример е во Велес, каде биле примени 22 работници кои живеат во Тетово. Според наши информации, во велешката станица на Национални шуми никој ниту ги видел, ниту ги познава новите тетовски колеги.

Груевски уверува дека морало да се прават такви рокади за се пополнат сите места во подржуниците.

Огласите беа според слободните места во подржниците. Овој пример кој го кажавте го има и во другите подржници. И луѓето се распоредуваат според местото на живеење. Односно, тие што имаат лична карта во Тетово ќе работат во Тетово, тие што имаат во Велес ќе си работат во Велес. Мислам дека направивме некоја рамнотежа во однос на пополнувањето на подружниците и онаму кадешто ни требаат соодветни луѓе и кадар за работа, вели Груевски.

Национални шуми е едно од поголемите државни претпријатија каде работат близу 2.000 работници. Просечната плата таму, според податоците оттаму, е околу 28.000 денари.