Македонија
14. August 2022 - 21:17

Што содржи Скопскиот технолошки парк кој го најави холивудската ѕвезда Џон Малковиќ

Не само филмски студија, туку и музички студија, продукција и простор за чување сценографии е предвидено да содржи Скопје Технолоџи Парк. Идејата на филмската ѕвезда Џон Малковиќ во Македонија да се изгради вистински филмски град по холивудски терк, ќе биде надополнета со простор за канцеларии, ресторани, како и акцелератор на старт ап компании.

Проектот треба да се реализира на локација во близина на скопскиот аеродром и ќе се простира на површина од најмалку 4 хектари. Но, дали ќе биде во рамки на индустриските зони или надвор од нив зависи од одговорот, за кој што Владата сè уште размислува.

Се поставува прашањето дали Македонија има доволно квалификувани кадри кои ќе работат во рамки на овој проект.

Обид за да се реализира истава идеја имаше и пред повеќе од три години. А, во претходните петнаесетина години има уште неколку неуспешни обиди за изградба на филмски град во скопски Аеродром, во Зелениково и Битола.