Македонија
25. February 2025 - 16:35

Што прави партизацијата и политизацијата на здравствениот систем?

На кого го доверуваат здравјето и животот пациентите ако доктори се бираат по партиска и национална припадност а не по стручност? Лекари и медицински сестри алармираат дека  поставеноста на здравствениот систем која вака функционира со години ќе доведе во ситуација кога ќе нема кој да постави права дијагноза а оние кои се мачеле и со труд завршиле медицински факултет, гордо ќе ги носат професорските титули но во медицински центри во странство.

Професор Нико Беќаровски побара стручниот колегиум да ги бира идните вработени, да нема прашања во плик и да се укине дискреционото право на директорите. Беќаровски кој порано учествувал во комисии при конкурски за вработување објасни како функционира тој процес. На писмениот дел кандидатите кои однапред се знае дека ќе бидат примени ги знааат прашањата и ги решаваат за 10 минути. Но уште полошо е кога доаѓаат на писмениот дел.

-И сето тоа функционира перфектно до моментот кога ќе се најде некој како Нико кој што малку ќе го подиспраша кандидатот лево-десно за да види, зашто во медицината се е поврзано и вие многу едноставно може да ја видите специфичната тежина на кандидатот. Ќе распрашате лево десно и гледате позади тоа една огромна бездна на незнаење, вели проф. д-р Нико Беќаровски, -Клиника за Токсикологија.

Нееднаквите можности според Беќаровски ги брка квалитетните кадри од земјата каде има комплетна партизација на системот.

-Јас еве за 5 години заминувам од јавното здравство, биолошкиот часовник работи. Меѓутоа кога ќе ми притреба здравствена услуга, нема кој. Ако вие имате комплетна шуплина во здравствениот систем, ако директно од клупа заврши во неврохируршка сала, не може да се носи со тој товар, со тие предизвици, вели Беќаровски.

Не треба промена при вработувањата само кај докторите туку деградирани се и медицинските сестри. На конкурси се уште се бара со средна стручна спрема, иако голем дел од нив имаат високто образование.