Македонија
16. August 2022 - 21:16

Што покажуваат консултациите на ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери за референдумот за францускиот предлог?

ВМРО-ДПМНЕ ги почна консултациите за тоа како опозицијата да се постави во однос на преговарачката рамка и протоколот со Бугарија што треба да финишираат со одлука за референдум за овие две прашања. Консултациите, како што соопштуваат од партијата, најпрво се водат со коалициските партнери.

Од нив се очекува да се обезбеди поддршка за тоа како да се сопрат уставните измени за внес на Бугарите, но и како да се организира и кое да биде референдумското прашање.

Според, неофицијалните информации, консултациите се пошироки и подразбираат целосна стратегија за тоа како ќе се однесува опозицијата. Се водат и разговори дали, кога и како да се дојде до рефрендумот. Досега информациите од ВМРО-ДПМНЕ беа дека ќе се бара задолжителен и дополнителен референдум со цел власта да не може да ја одбегне волјата на народот, особено по одлуките на Историската комисија за спроведување на Протоколот со Софија. Исто така, прашањето не треба да биде антиевропско, велат од опозицијата.

Од консултациите ќе зависи и одлуката која процедура ќе биде искористена, преку парламентот или пак, со собирање на граѓански потписи.

По консултациите со коалициските партнери, ќе се прават и разговори со партии од власта кои не се задоволни од ваквите решенија на Владата, но и со експерти.

Одлука за референдум и прашање, според првичните најави на Мицкоски треба да се очекува кон крајот на месецот или пак, во септември.

Најавата за можен референдум уште пред речиси еден месец, власта ја дочека со одбивање. Коалицијата СДСМ – ДУИ коментираше дека нема зошто да има референдумско изјаснување за нешто за кое мнозинството пратеници дало согласност.

Од друга страна, од власта највуваат дека на почетокот од наредниот месец треба да се очекува пратеничка инцијатива за отворање на Уставот, согласно условите од преговарачката рамка со ЕУ.