Македонија
27. May 2016 - 10:20

„Што може песната“ - нова книга на Марко Китевски

„Што може песната“ е насловена новата книга на проучувачот на македонскиот фолклор проф. д-р Марко Китевски, во издание на „Гирланда“ од Скопје. Посветена е на македонската народна песна која низ вековите ја создавал македонскиот народ и била дел во неговиот живот.

Песната била секојдневие, дел од обичаите, но и повик за борба во бурната историја, кога некои востаници, како што е запишано од сведочењата, и гинеле пеејќи. Многу дејци и револуционери станале бесмртни во песните и во нив биле зачувани од заборав.

- Македонските народни умотворби, особено народните песни, се надалеку познати по своите уметнички вредности. Многумина патеписци што минувале низ Македонија се воодушевувале од песните и ората, па Македонија ја нарекле земја на песните, пишува авторот во првиот дел на книгата (Истражувања).

Китевски се осврнува на македонски автори кои го истражувале народното творештво и на значењето на песната за народот, нејзината моќ  во насочувањето на неговото расположение или во одржувањето на оптимизмот.

Според Константин Миладинов, скромниот македонски народ развил во себе божествена умствена дарба, а Рацин запишал „Сето она што не можело во животот слободно да се каже, она што требало да се премолчи, сето она што морало да се преживее во себе го нашло своето место во песната“.

Китевски ги наведува и зборовите на Блаже Конески, дека „народ што создал такви прекрасни песни нема да заостане во разгрнувањето на својата уметничка литература, нема да заостане во изградбата на целокупната своја национална култура“. 

Во текстот „Фолклорот во Македонија“ Китевски наведува дека првите објавени македонски народни песни датираат од почетокот на 19 век. Записите ги направил Вук Караџиќ и со нив, како што вели, започнува нова ера во собирањето и објавувањето на македонското народно творештво. 

За собирањето и афирмацијата на македонските народни умотворби во тој период значаен придонес имал Стефан Верковиќ кој го објавил првиот поголем зборник со македонски народни умотворби (со 335 од Серес и околината и од други краишта на Македонија). - Верковиќ прв го свртил вниманието на пошироката јавност за македонското народно творештво и е наречен стожер на македонската преродба поради неговите врски со најекспонираните интелектуалци од тој период - Димитар Миладинов, Шапкарев, Џинот, Жинзифов, Димитар Поп Георгиев..., пишува авторот.

Книгата на Китевски содржи текстови за опеани личности од македонската историја и култура кои се дел од вековната народна традиција  (како Кирил и Методиј, Климент и Наум), за востаници и револуционери, за собирачи на народни умотворби и истражувачи. 

Покрај Истражувања, изданието опфаќа уште два дела - „Музичката традиција во Македонија“ и дел во кој се објавени беседи одржани за разни поводи и промоции.

Марко Китевски докторирал во 1990 година (на тема „Клетвите во македонското народно творештво“. На постдипломските студии на Институтот за македонска литература ги предава предметите Народна култура и Македонски празници. Автор е на шеесетина книга и на над 400 други текстови (студии, статии, рецензии..) и на голем број радио и ТВ-емисии. Учествувал и бил вклучен во организирањето научни собири во Македонија и во странство. Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои и на државните „23 Октомври“ и за наука „Гоце Делчев“.