Македонија
26. March 2024 - 12:19

Штип нема да оди на референдум

Нема референдумско изјаснување на штипјани на денот на парламентарните избори, по однос на прашањето за пренамена на средствата од самопридонесот за реконструкција на примарната водоводна мрежа. Причина е што согласно Законот, референдум се организира само во недела, а изборите во април и мај се одржуваат во среда. Сепак, локалната самоуправа нашла законска можност овие средства во висина од околу 1 милион евра, кои повеќе од две децении се замрзнати на трезорска сметка, да ги искористи за друга намена.

-Средствата од самопридонесот без да се распише референдум ќе може да се искористат за изградба на резервоари, а ние дополнително како Локална самоуправа ќе одвоиме средства за главните водоводни линии, за застарената водоводна мрежа и честите дефекти. Овде не ја исклучуваме можноста да најдеме друг дополнителен извор на финансирање кој ќе биде искористен во насока на промена на застарената водоводна мрежа, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Изградбата на новите резервоари, ќе го реше проблемот со вода за пиење во високите зони, посебно во летните месеци, но и да се намалат загубите на вода во водоснабдителниот систем.

  • Планот и целта е да се направи и еден „скада систем“ со кој ќе се контролираат загубите на вода кои јавното претрпијатие ги има, а се огромни, некаде околу 60% од водата се губи – додава Јорданов.

Постапката за искористуваање на парите од самопридонесот ќе започне веднаш по завршувањето на изборите. Досега имаше два неуспешни референдуми за нивна пренамена.