Македонија
17. March 2016 - 14:01

Штип ќе добие спортска сала за боречки вештини

Општина Штип во рамките на Деталниот урбанистики план (ДУП) за изградба на СПА центри кај бањата „Кежовица“ предвиде и градежна парцела за изградба на спортска сала за боречки вештини, соопшти денеска градоначалникот на општината Илчо Захариев.

- Таа спортска сала планираме да ја градиме заедно со Боречката Федерација на Македонија, кои беа кај нас. Мислам дека проектот би бил некаде околу 600.000 евра. Јас се надевам дека ќе има реализација, затоа што од нас се побара локација, ослободување од комуналии и ние сме спремни да го направиме тоа како општина. Средствата ќе бидат обезбедени  од Меѓународната Боречка Федерација, рече Захариев.

Тој истакна дека по изградбата на пешачката патека од новиот ректорат на универзитетот „Гоце Делчев“ до населбата „8 ми Ноември“, која се покажа како одличен проект за граѓаните, во наредниот период ќе престои и урбано уредување на реката Брегалница до населбата „Балканска“.

- Во тек е тендерска постапка за изградба на пешачка и велосипедска патека од населбата „8 ми Ноември“ до населбата „Балканска“. Сепак тоа е голем проект од 500.000 евра, ќе се направи асфалтирана патека, која ќе биде користена и за возење на велосипеди. Но, таа ќе има и друга намена, знаете дека близу се наоѓаат и нашите бунари, со кои Штип се снабдува со вода за пиење. Ние ќе направиме практично еден бедем, ќе го подигнеме нивото и заштитата на самите бунари, за асфалтираната патека ќе биде навистина потребна за рекреација на пешаците и на велосипедистите, рече Захариев.

Граѓаните на Штип со реализацијата на овој проект ќе добијат шеталиште и велосипедска патека покрај реката Брегалница во должина од десет километри.