Свет
8. February 2016 - 18:40

Штајнмаер: Колегите едно зборат за бегалците пред медиумите друго на состаноците во ЕУ

Шефот на германската дипломатија по средбата со својот хрватки колега во Берлин обвини дел од своите колеги дека едно зборуваат во интервјуата за медиумите на тема бегалци, а друго на состаноците на Европската унија, јави дописникот на МИА од Берлин.

Министерот Франк Валтер Штајнмаер побара сите да бидат чесни и искрени во дебата за европската политика за бегалците. Тој предупреди дека дури и ако сите предуслови од страна на ЕУ се исполнети, бегалската криза повторно може да не биде надмината. Турција и состојбата во Сирија се два од трите фактори кои што можат да влијаат на состојбите во Европа.

„Треба да бидеме чесни и искрени во врска со европската полтиика за бегалците. Мораме она што го зборуваме да го зборувмае во интервјуата за медиумите да го дискутираме на нашите состаноци. Кога ние зборуваме меѓу нас зборуваме за контрола и регистрација на бегалци. Никој во моменов не сака да каже дека ќе се откажеме од овој процес. Да бидам искрен, мора да кажеме дека не е можно да ја изолираме границата на една држава како на пример Грција. Не постои едноставно решение кое што го очекуваат луѓето. Европската унија на границите каде што има зајакнат режим на контрола да биде ефикасна. На надворешните граници на ЕУ мораме да сториме повеќе за да се подобри нивото на контрола, а тоа Грција сама не може да го направи и затоа ќе ја поддржиме со опрема, бродови. Ова е можно само ако Турција ги исполни сите работи кои на кои што се обврза пред ЕУ.

Штајнмаер, за кого кризата не може да се реши со национални, туку единствено со европско решение, се согласува со позицијата на официјален Загреб од каде што во интервју за германските медиуми порачаа дека Хрватска нема да биде „жешка точка“ на балканската рута на бегалците.

Хрватскиот министер за надворешни работи Миро Ковач во Берлин изјави дека и Грција ќе треба да се вклучи во координацијата на земјите од „балканската рута“ со кои Хрватска сега има одлична соработка.

„Имаме одлична соработка со Австрија, Србија и Македнија за прием и проверка на бегалците и мило ми е што Германија помага со техника за да се надминат проблемите.

Хрватскиот министер во Берлин најави дека се залага за влез на сите земји од регионот во ЕУ и дека започнува активно да работи на приемот на Босна и Херцеговина во интерес на хрватската, но и во интерес на бошњачката и српската заедница во оваа земја.

За Штајнмаер сите иницијативи за приближување на сите земји до ЕУ се важни затоа што без интеграција во ЕУ нема перспектива како што тоа го покажува и хрватсскиот пример.