Македонија
26. October 2021 - 16:57

Шилегов и Арсовска со нови проекти во трка по глас повеќе за Скопје

Целосна реконструкција на просториите на Планетариумот во МКЦ, обнова на ентериерот, системот за вентилација и опремување со современа техника, ветува Шилегов доколку добие уште еден градоналчалнички мандат на изборите во недела.

- Во следните 4 години Скопје добива целосно обновен Планетариум кој преку своите дигитални и оптички можности, покрај едукација и проширување на знаењето за астрономијата, овозможува и презентации за океанографија, климатски промени и други значајни теми за Земјата и вселената, изјави Петре Шилего, кандидат за градоначалник на Град Скопје од СДСМ.

Неговата против кандидатка Данела Арсовска најави изградба на нова гимназија и библиотека во општина Аеродром, нови објекти за средните училишта  Браќа Миладиновци и Лазар Танев и финансиска поддршка за надарени и талентирани ученици.

- Нашата цел е да ја подобриме пристапноста на учениците од сите делови на градот до квалитетни училишта и да ги унапредиме условите во кои учат учениците, а со тоа и квалитетот на воспитно-образовниот процес. Предвидено е и изградба на нов објект за средното училиште Браќа Миладиновци, како и за средното училиште Лазар Танев. Со изградбата ќе се обезбеди современа квалитетна настава и услови за квалитетно стручно образование, изјави Данела Арсовска, независен кандидат за градоначалник на Град Скопје поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Кандидатите за градоначалници имаат уште четири дена вклучувајќи го и денешниот да ги претстават своите проекти пред граѓаните.