Шеесетминутен молк во Солун за жртвите од трагедијата во Кочани
„Солун е со тебе Кочани“; „Нивните профити или нашите животи“; „Едни иселивте, а тие што останаа ги убивте – Кочани 16.03.2025“; „Репертоарот е со години ист, настапува корупција, а народот е публика“; „Осамна пролетно утро сончево, а сончевите зраци денес темни црнила“, беа дел од пораките на паноата на Македонците кои точно напладне се собраа на плоштадот „Аристотел“ во Солун за да им оддадат почит на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Плус“ во Кочани, јави дописничката на МИА од Атина.
Македонците кои живеат и студираат во Солун, точно напладне организира собир „Солун во молк за Кочани“, одржаа 60-минутен молк, по една минута за сите 59 жртви и една минута молк за возачот на брзата помош кој почина откако превезе голем број повредни лица.
Истовремено, упатија пораки преку паноата, а на едно од нив беа испишани и имињата на загинатите со пораката „Почивајте во мир“.
На друго беа испишани стихови од „Разделба“ на Блаже Конески – „Нам ни е дадено за ден да сакаме и пак на разделба тажни да бидиме, и пак си велиме: не заборавај ме! – А може никогаш да не се видиме“, но и дел од „Црнила“ на Коле Чашуле - „Како само за нас Македонците да се создадени сите црнила на овој век“.
Оние кои ја покренаа иницијативата за МИА открија дека идејата за собирот се родила откако првите повредени пристигнаа на лекување во Солун и големиот одзив за помош на Македонците кои живеат во овој грчки град.
Повикот за собирот беше објавен на социјалните мрежи.
-Како еден од засегнатите градови, каде што повредените добиваат нега, ве повикуваме да ни се придружиме во изразувањето на нашето најдлабоко сочувство за изгубените животи, за повредените и нивните семејства. Соберете се со нас во момент на молк за да оддадеме почит на нивниот спомен и да покажеме поддршка, пишуваше во повикот.
За собирот, со вклучувања во живо од солунскиот плоштад информираше грчката државна телевизија ЕРТ во пладневното издание на вестите, а објавија и информативните портали, пред сè оние од Солун.
Ново на Сител
-
По две недели, трагедијата во центар на вниманието на пратениците
-
Распит на сведоци и вештачења за пожарот во Кочани
-
Еден од најтешко повредените во дискотеката во Кочани е подобар, тројца и понатаму се во критична состојба
-
Таравари пред одлука: Дали вреди да се биде во „Вреди“
-
30 дневен притвор за обезбедувањето на Мицкоски се обидел да земе 50.000 евра за службените документи
-
На сметките на пензионерите легнаа повисоки пензии за 2.500 денари
-
Трендафилов со предлог - И јас и пратениците да земаме 500 евра плата, но и работниците да добијат толку
-
Државата ќе им исплаќа субвенциониран оброк и на вработените студенти со плата под минималната