Македонија
11. August 2022 - 16:37

Шахот ќе биде изборен предмет од септември

Од први септември, шахот станува изборен предмет за учениците од прво и второ одделение. Шаховската федерација на Македонија потврди дека постигнат е договор со Министерството за образование и информацијата за вметнување на шахот во наставната програма е веќе објавена. Според Зоран Стојчевски од Шаховската Федерација, на часовите би се изучувале основите на шахот, начинот на движење на фигурите, какви потези постојат и слично, а целта е да се подобри концентрацијата, меморијата, креативноста и критичкото размислување кај децата.

Според очекувањата во секое училиште би требало да биде формирана барем по една паралелка од по 30 деца кои би ја посетувале наставата. Часовите по шах ќе ги водат одделенските наставници кои прво ќе поминат обука, а доколку има потреба во наставата ќе бидат вклучени и лиценцирани шахисти.

Родителите пак со поделени мислења - додека за едни ова е одлична можност за детскиот развој, дел сметаат дека покрај обемниот материјал, шахот ќе биде дополнителна пбврска која нема лесно да ја совладаат.

Целата настава е базирана врз искуствата во Полска и Англија каде шахот веќе се применува во образовниот процес како задолжителен предмет.

Додека трае шаховската обука до почеток на учебната година , младинците од шаховската федерација по 10 дена учество на Олимпијадата во Индија забележаа извонредни резултати и се најдоа на 62-ро и 70-то место во конкуренција од 188 репрезентации.