Македонија
24. September 2019 - 20:21

Северна Македонија дел од разговорите меѓу Сасоли и Трочањи

 Процесот на придружување на земјите од Западен Балкан во Европската Унија, како и Северна Македонија, беа меѓу темите на средбата на претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли со еврокомесарот назначен од Унгарија, Ласло Трочањи, што се одржа попладне, изјавија за МИА од Кабинетот на Сасоли, но не соопштуваат детали.

Сослушувањата на кандидатите за еврокомесари почнуваат в понеделник и ќе траат до осми октомври. Идната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, му го додели портфолиото проширување и соседски односи на унгарскиот кандидат за еврокомесар, Ласло Трочањи, но голем број европратеници најавија дека ќе се спротивстават на оваа одлука.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Трочањи како поранешен министер за правда во владата на Виктор Орбан  наидува на критики затоа што една од неговите улоги како комесар за проширување ќе биде токму да ги надгледува реформите во правосудството, а Унгарија е под силен притисок на европските институции поради нарушување на принципите на владеење на правото.

Според „Вишеград Инсајт“, Унгарецот ќе биде под притисок и поради тоа што им „помогнал“ на трговци со оружје да побегнат во Русија. Не е невозможно пратениците да бараат од претседателката фон дер Лејн да ги прераспореди портфолијата, друга опција е да се бара од унгарската Влада да испрати нов кандидат на негово место.Унгарија беше меѓу неколкуте земји кои го бараа ресорот проширување, но и меѓу малкуте земји кои го добија ресорот што го бараа.

Средбата со Сасоли била затворена и не се соопштуваат ниту детали, ниту причините за средбата. Освен со Трочањи, претседателот на Европскиот Парламент денеска се сретна со кандидатите од Белгија, Луксембург, Португалија и Полска, а утре ќе се сретне со литванскиот кандидат. Освен Луксембуржанецот и Литванецот, кандидатурите на останатите комесари што се сретнаа со Сасоли денеска, се проблематични за европратениците.