Македонија
30. March 2021 - 15:51

Села: Се согласуваме за земање отпечатоци од прстот на изборите и отворени изборни листи

Се согласуваме со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за набавка на терминали со кои би се земале отпечатоци од прсти при спроведување при локалните избори, истакна претседателот на Алијансата за Албанците Зијадин Села на денешната прес-конференција во Собранието.

– Дефинитивно ни требаат отпечатоци од прсти, особено што имаме отворено процеси со судовите за откривање на кражби и манипулации на последните парламентарни избори на над 100 избирачки места. И до ден денешен, иако поминаа седум-осум месеци, немаме никаков одговор од обвинителствата од Кичево, Скопје и Прилеп во врска со оваа приватна тужба што ја имаме поднесено. Мислам дека единствената партија што е против отпечатоци од прсти е ДУИ и ова уште еднаш го потврдува аргументот дека тие секогаш го темелат изборниот резултат не на гласови и пресуди, туку на крадење и манипулирање со волјата на граѓаните. Секако, немаме дилема дека на ова општество му треба повеќе демократија. На ова општество му треба повеќе учество во демократските процеси. Ова општество и политичките партии имаат потреба кадрите да ги избираат граѓаните, а не претседателите на политичките партии и сметам дека пропорционалноста со отворени листи е добро решение што ќе треба да се направи што е можно побрзо, не само за локалните избори, туку исто така и за парламентарните избори, рече Села.

Тој потенцира дека тие како Алијанса за Албанците предложиле да има осум изборни единици.

– Разговараме со коалицискиот партнер за да ја разгледаме можноста за една изборна единица. Отпечатоците од прст го оневозможуваат пополнувањето на изборните кутии. Прочистувањето на избирачките листи е поважно, затоа е потребен пописот, а не одложување на пописот. Веќе долго цреме се зборува за оваа работа, но се уште до ден денешен никој ништо не преземал, рече Села.

Села истакна дека зад ова одложување на пописот, стои намерата за негово спречување.

– Истата приказна ја слушавме и во 2011 година кога ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Никола Груевски, договараа прекин на пописот. И сега ја гледаме втората епизода од истиот филм, кој веќе е виден пред 10 години. Сите треба да бидат свесни дека секој кој ќе се дрзне да го одложува и да спречува пописот кој веќе е почнат од 1 март, треба да се соочи со правда. Тоа е кршење на законите, а за тоа постои одговорност и некој треба да се казни. Има информации дека веќе од Заводот за статистика на попишувачите им бараат да ги вратат компјутерите и лаптопите. Го повикувам Обвинителството да го следи ова и против сите оние кои ги прават овие работи да покрене кривични пријави. Тоа е законот и треба да се почитува, ако сакаме да бидеме држава. Секоја друга опција би значело анархија и ништо повеќе, рече Села.