Македонија
21. February 2020 - 17:59

Села и Гаши ја потпишаа првата предизборна коалиција

Со потпис на договорот за коалиција Села и Гаши го официјализираа заедничкиот настап на претстојните предвремени парламентарни избори. Под мотото Држава за Сите новата коалиција фокусот ќе го стави на лов на разочараните албански гласачи. Села му порача на Ахмети да избере изборна единица во која што ќе може да се соочат во директен дуел. За предизборна коалиција со македонска партија, вели дека се уште нема услови.

Ахмети денеска демонстрираше самоувереност. Испрати порака дека не го плаши ниту една коалиција а од неговата партија потенцираа дека по изборите очекуваат да се почитува принципот на победник со победник

Нови коалиции се готват и во македонскиот политички блок. Веќе на големо се зборува за предизборна коалиција на Заев со Тачи и Касами. Лидерот на СДСМ потврди дека постои можност за заеднички настап со партии од албанскиот етнички блок, што според него го прави фаворит на изборите

Во опозицијата вчера ја најавија можноста за предизборно дополнување на коалициските редови со партии од таборот на СДСМ. Како ќе се постави партијата по изборите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе зависи од политичките програми. Додаде дека неговата партија може да влезе во владина коалиција со секого, вклучувајќи го и ДУИ

Рокот за формирање на предизборни коалиции истекува на 12 март кога партиите треба готовите пратенички листи да ги испратат во ДИК. Во периодот пред тоа, сите најавуваат седници на највисоките партиски органи како финале пред изборите закажани за 12 април.