Македонија
3. October 2022 - 12:30

Секоја трета компанија во Македонија е предводена од жени

Околу 30% од компаниите во државата се во сопственост или ги раководат жени, но статистиката покажува дека најголемиот дел од нив се микро и мали претпријатија. За да се овозможат подобри услови за развој на женското претприемништво неопходна е поголема поддршка од локалните самоуправи, сметаат од Националната платформа за женско претприемништво. Според нив за да се зајакнат бизнисите раководени од жени општините треба да овозможат поволна околина за нивниот развој, но и да обезбедат одредени средства за до едукација на жените претприемачи, поврзување во синџирите на набавка и јакнење на продуктите.

Периодот поминат во пандемија, но и економската и енергетската криза направиле дополнителен удар врз женското претприемништво. Неповолна е и официјалната статистика според која во изминатиот период бројот на затворените компании кои се раководени од жени е поголем во однос на ново отворените.

Дополнителен проблем за развој на женското претприемништво претставуваат и стереотипите, менталитетот, но и традицијата според која имотот најчесто е на име на мажите поради што жените остануваат без финансиска  основа за почеток или развој на бизнисот.