Ракомет
1. September 2015 - 13:48

СЕХА: Вардар подготвен ја пречекува Војводина

Со натпреварот против Војводина на домашен терен македонскиот шампион Вардар утре ја почнува новата сезона во ракометната СЕХА Газпром лига.
 
Тренерот на „црвено-црните“ Раул Гонзалес на денешната прес-конференција искажа задоволство од начинот на кој беа одработени подготовките и верува дека Вардар има состав посилен од лани.
 
- Задоволен сум со подготовките што ги имавме. Работевме многу добро во претходниот период и одигравме контролни натпревари каде победувавме. На сите натпревари игравме добро, и се надевам дека оваа сезона ќе биде подобра од лани. Имаме проблеми со повредите на Ангелов, а Брумен имаше зголемена температура. Ќе видиме како ќе биде утре и кои ќе бидат во составот. Против Војводина ќе мораме да играме добро во напад, зашто тие имаат добри центри и се брзи во контра. Добро е што ќе имаме силни натпревари пред дуелот со Монпелје, и сакаме да одиме чекор по чекор, рече шпанскиот стручњак.
 
Поради повреда на грбот во составот веројатно ќе го нема Петар Ангелов, кој доби препорака од лекарите да мирува уште неколку дена, а на стомачни болки се пожалил и Матјаж Брумен. Во зависност од неговата здравствена состојба утре ќе се реши дали ќе биде во екипата за средбата со Војводина.
 
Капитенот Филип Лазаров повика на претпазливост пред средбата со српскиот шампион..
 
- Ова е официјален старт на новата сезона против Војводина. Нормално е на сите натпревари на домашен терен да одиме на победа, па така ќе биде и утре. Ја гледавме Војводина на првиот меч со Струмица. Сите екипи се желни за докажување, особено на самиот почеток од сезоната. Треба да бидеме претпазливи, и во ритам во кој игравме досега. Се надевам дека уште долго време ќе имаме добри резултати.
 
Вардарци стартот на СЕХА лигата го дочекуваат по освојувањето на турнирите во Кањижа и Скопје.
 
Српскиот првак Војводина вчеравечер во дуел од 1.коло одигра 25:25 со Макс Струмица, другиот македонски претставник во регионалното натпреварување.