Ракомет
8. јуни 2021 - 9:12

СЕХА: Вардар 1961 со победа ја почна нокаут фазата

Ракометарите на Вардар 1961 се на чекор до пласман меѓу осумте најдобри во регионалната СЕХА лига, откако вчера ја совладаа Металопластика со 39:31 (19:14) во првата од двете осминафинални пресметки закажани во Скопје.
 
Освојувачот на двојната круна сезонава во македонското првенство лошо го отвори натпреварот дозволувајќи и на екипата од Шабац да поведе со четири голови разлика (8:4) во воведните десет минути. Сепак, петкратниот освојувач на СЕХА лигата брзо ги консолидира редовите и Вардар веќе на полувреме замина со високи плус пет (19:14).
 
Вториот дел донесе сигурна игра на македонскиот првак, кој влегува со осум голови предност пред утрешниот реванш, исто така, на домашен терен.
 
Ловро Јотиќ со девет и Тимур Дибиров со седум погодоци беа најефикасни во македонскиот тим.
 
Победникот од двомечот меѓу Вардар 1961 и Металопластика за противник во четвртфиналето од годинашното издание на СЕХА лигата ќе го има хрватскиот првак ППД Загреб.