Македонија
6. April 2017 - 15:00

Седницата продолжува со расправа за Комисијата за избори и именувања

Пратениците на денешното продолжение на конститутивната седница на Собранието на Република Македонија расправаат по третата точка од дневниот ред, односно за изборот на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Оливер Спасовски од СДСМ на почетокот на седницата врз основа на Деловникот побара поддршка од 10 пратеници за да се премине на четвртата точка од дневниот ред и да се избере претседател на Собранието.

Тој за своето барање се повика на членот 78, став 2 од Деловникот кој предвидува „во текот на седницата по предлог на претседателот на Собранието, на предлагачот или пратеник кој го поддржуваат најмалку 10 пратеници, Собранието без претрес одлучува по предлог за измени во редоследот на претресот по точките од дневниот ред, односно да се води единствен претрес по точки од дневниот ред што се меѓусебно поврзани“.

- Бидејќи е очигледно дека оваа расправа не води никаде и се користи за одолговлекување и за блокада на Собранието, јас барам поддршка од 10 пратеници и Собранието да одлучи да ја прекинема расправата по оваа точка и да се премине на четвртата точка од дневниот ред за да се избере претседател на Собранието и за ова не одлучува претседавачот туку Собранието, рече Спасовски.

Претседавачот Вељаноски рече дека на седницата се постапува согласно Деловникот на Собранието, кој предвидува да не може во сред расправа по точката да се премине на расправа на наредната точка.

-  Да ме прашавте мене за совет ќе ви кажев како да ја завршите оваа работа. Ако сакавте да се избира претседател на Собранието требаше да дадете предлог пред да се отвори расправата по третата точка од дневенот ред. Вие чекавте, започна расправата и сега ви текна да барате измени, додаде Вељаноски.

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ побара да не се прави политичко насилство врз Парламентот, истакнувајќи дека прво треба да се формира Комисијата за прашања на изборите и именувањата, а потоа да се избере претседател на Собранието.

Одговарајќи на барањето на Спасовски, Димовски рече дека претресот за третата точка треба да трае додека не се исцрпи листата на пратеници пријавени за зборување. - Тоа што пратеници поднеле предлог за избор на претседател на Собранието не ја исклучува можноста тоа да го направи и Комисијата за избори и именувања кога ќе биде избрана, нагласи Димовски.

Џеват Адеми од ДУИ се согласи со предлогот на Спасовски за прескокнување на третата точка и побара да се почитува Деловникот и да се премине на четвртата точка и да се избере претседател на Собранието.

- Членот 78 од Деловникот е јасен. Во текот на седницата во секое време Собранието има право да донесе одлука да се премине на друга точка од дневниот ред, рече Адеми. Комисијата за избори и именувања, како што додаде, не избира само претседател на Собранието, туку избира работни тела, групи за соработки и други носители на функции во институциите чиј основач е Собранието. - Правото за избор на претседател на Собранието го имаат и група од 20 пратеници, рече Адеми.

Зијадин Села од Алијансата на Албанците пак нагласи дека претседавачот со седницата нема право да одлучува за ништо иако, како што рече, бевме сведоци овие осум-девет дена како секој ден се повредуваше Деловникот во собраниската расправа. - Во Деловникот никаде не пишува дека тој што претседава има право да одлучува и за тоа колку ќе продолжи седницата или не. Од овој миг Вељаноски доколку има нешто да каже или да го толкува Деловникот да излезе на говорница како што излегуваме и ние, затоа што и тој е пратеник како нас, рече Села.

Реплицирајќи му на Села, Вељаноски рече дека е точно тоа дека е пратеник и оти кога ќе земе збор тогаш ќе говори на говорница. - Додека претседавам со седницата јас го почитувам Деловникот и одговарам од ова место, а кога ќе треба да земам збор се симнувам на говорницата, додаде Вељаноски.

Според Антонио  Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ денеска Оливер Спаовски, Зијадин Села и Џеват Адеми предлагаат да се крши Деловникот за да го изберат оној кој, како што рече „според Деловникот молчеше во ова Собрание и сакаат нас да не замолчат што сме пријавени за збор“.

- Не можат правилата на игра за една точка на дневен ред да се менуваат додека таа точка не заврши. Спасовски, Села и Адеми имаа можност многу денови пред нивниот предлог да дадат 20 пратеници за избор на претседател на Собрание. Не го направија тоа бидејќи знаат дека не се подготвени да излезат на локалните избори и намерно го пробија рокот, додаде Милошоски. 

Во контекст на тоа додаде дека локалните избори нема да се одржат затоа што СДСМ и ДУИ во моментов не се спремни да излезат на изборите. - Сега им се брза бидејќи се договорија за платформата од Тирана. Сакаа да ја протуркаат набрзина, се наближуваат судските рочишта во мај за предметот „Поткуп“, сакаат набрзина по секоја цена да дојдат до власт, да извршат притисок врз судството и еден човек да се спаси од криминалот па макар и по штета на националните интереси на Република Македонија, нагласи Милошоски. 

Вељаноски укажа дека според евиденцијата на собраниските служби до денеска за реплики има искористено 522 минути, за контра-реплики 170 минути, а за процедурални забелешки 963 минути. - Вие колеги уште на почетокот на седницата почнавте со процедурални забелешки а саката побргу да се заврши со седницата, рече тој.

Претседавачот со собраниската седница даде редовна пауза, по која, како што рече, ќе продолжи работата по третата точка од дневниот ред, односно избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.  За збор по оваа точка се имаат пријавено уште 45 пратеници.