Се забрзува изградбата на пречистителната станица во Прилеп
Будно го следиме проектот за изградба на пречистителната станица во Прилеп и очекуваме да ги запазиме роковите на Европската унија за станицата да биде готова до крајот на 2016 година, изјави министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири, кој денеска се сретна со прилепските локални власти и со јавното претпријатие „Водовод и канализација“ за текот на проектот вреден над 25 милиони денари.
Изаири рече дека имало одреден застој на активностите за изградба на станицата од страна на изведувачот, но оти последните денови активно се надоместува тоа.
- Имавме сериозен застој, но последниот месец, особено последните денови, има огромен напредок и се надеваме дека ќе го надоместиме загубеното време. Институциите беа активни, но застојот беше кај изведувачот. Градоначалникот на Прилеп им издаде во најкраток можен рок одобрение за градба, надзорот и Министерството за животна средина беа активни, но изведувачот доцнеше со техничката документација, рече Изаири.
Договорот за изградба на пречистителната станица во Прилеп е вреден над девет милиони и 667 илјади евра, финансиран во рамки на Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и кофинансиран од националниот буџет. Договорот за градба е склучен со конзорциумот „Понстрој инженеринг ЕАД“ и ЕКО-проект ООД. Надзорот на работите го врши ИГИШ – инженеринг во конзорциум со Иванов Инженеринг, ангажирани преку ИПА договорот.
Пречистителната станица се гради на периферијата од Прилеп и треба да биде готова до крајот на 2016 година.
Според прилепскиот градоначалник Марјан Ристески, првата фаза, односно изградбата на 20 километри канализационата мрежа е при крај, а втората фаза за дополнителни 40 километри канализација треба да почне кон крајот на годинава.
- Првата фаза се одвива одлично и е при крај изградбата на 23 километри канализациона мрежа што треба да биде готова за два –три месеца. Во втората фаза е изградбата на 40 километри канализациона мрежа. Тендерите се во тек и за брзо ќе се знае фирмата изведувач. Се очекува работите да почнат кон крајот на годинава. Што се однесува до изградбата на пречистителната станица, документацијата е средена. Добиена е дозволата за градба, иако инсистиравме до изведувачите да ги забрзаат работите. Се надевам дека ќе ги испочитуваме роковите на ЕУ за овој проект да биде завршен до крајот на 2016 година, изјави Ристески.
Проектот е значаен за Прилеп пред се за прочистувањето на отпадните води и заштитата на животната средина.
- Се уредува одведувањето на фекалната канализација и отпадната вода ќе се прочистува. Ќе добиеме чиста река, ќе се намалат последиците од поплавите со одводните води кои ќе се сепарираат од атмосферската канализација. Прилепското поле ќе се наводнува од прочистените води од Градска Река, ќе се произведуваат земјоделски продукти според еколошките стандарди и ќе се заштитува животната средина, истакна градоначалникот Ристески.
Ново на Сител
-
Повисока цена по километар за приватните превозници, билетот за граѓаните не се менува
-
Тема на денот со Златко Перински, министер за локална самоуправа
-
Изгласан Буџетот на Град Скопје за 2025 година
-
Преглед на вестите од светот
-
Обвинителството се повлекува од гонење на Вељановски, Ристовски и Јанакиевски за 27 април
-
Ќе се разрешуваат членови на Судски?
-
Христовски ги исполнил условите
-
Османи: Груби згреши што избега