Македонија
18. July 2024 - 16:44

Сè уште активни десетина пожари ширум државата

13 пожари сѐ уште се активни ширум државата. Од Центарот за управување со кризи велат дека веќе е направен планот кој воздухоплов каде ќе гаси ширум државата. Но од изутрината пилотите и леталата имале проблеми.

- Дел од екипажот на леталата се чувствува преморено и поради строгите воздухопловни правила не можеа да полетаат утрово. Исто така, кај дел од воздухопловите, и кај странските, и кај нашите, се појавија ситни дефекти на чиешто отстранување се работи во овој момент. По отстранувањето на дефектите истите ќе полетаат. Попладнево имаме дополнителни сили на располагање, вели директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Пожарот на Серта сѐ уште е најголем. Но теренот воопшто не е пристапен. 

Планината ја дели регионалниот пат Неготино - Штип. Од сите страни на патот има големи долови и високи сртови на кои може да се стигне само пешки. 

Трупите на терен имаат задача само да контролираат огнот да не се префрла од едната на другата страна на патот за да не настрада енергетската инфраструктура и пожарот да оди кон Полигонот Криволак.

Гори речиси низ целата држава. Освен на Серта, пожар има кај Гевгелија, меѓу селата Негорци и Кованец каде гори мешана шума. Кај радовишко Штурково гори ниско-стеблеста шума. Во Чашка гори високостеблеста шума меѓу селата Јаблочишта и Дреново. Во Росоман ниска вегетација. Пожари има и во скопско. Кај Студеничани и Зелениково гори ниска вегетација.

Кај Штип горат грмушки меѓу селата Драгоево и Селце. Во Чашка има и втор пожар со помал интензитет. Кај Слепче гори мешана шума и ниска вегетација. Гори и во Долнени меѓу Слепче и Гостиражни. Пожари има и кај селото Бадилен во Ново Село каде гори висококвалитетна дабова и борова шума. Пожар има и во Конче, но и Делчево каде гори градската депонија.

На терен излезе и претседателката на државата. Ги посети припадниците на АРМ кои деноноќно ги гаснат пожарите. Од денеска им се приклучија дополнителни 300 армиски припадници. Силјановска-Давкова предупредува дека во иднина мора да бидеме поподготвени.

Се мобилизира и МВР. Раководството ја почна акцијата „Пожар 2024“, што во пракса ќе значи зголемено полициско присуство на терен.

- Постојат индиции дека дел од пожарите се подметнати и ќе бидат преземени сите неопходни мерки за расчистување на случаите и санкционирање на сторителите, велат од МВР.

Веќе девет дена речиси целата држава е во пламен. Гори на тешко пристапен терен, па нашите воздухоплови се недоволни за да се справиме со огнот. На помош пристигнаа воздухоплови од Турција, Србија, Словенија, Црна Гора, Хрватска и Романија.