Бизнис
3. April 2020 - 14:57

Се укинува забраната за извоз на брашно од земјава

Македонското брашно повторно ќе се извезува. Министерот за економија најави дека ќе се укине забраната за извоз на брашно од земјава, бидејќи анализите покажале дека пазарот и цените се стабилизирале, а мелничарите работат одлично.

Прогласувањето на пандемија направи на светско ниво да се зголеми побарувачката за пченица и брашно. Во такви услови со цел да се обезбеди доволна количина брашно, Владата пред две недели одлучи да го забрани извозот на тие производи од земјава. Одлуката требаше да важи до крајот на април но, сега ќе се смени бидејќи пазарот е стабилизиран и има доволно залихи.

Инаку, Владата се премисли и за забраната за одржување на годишни собранија на трговските друштва. Тоа значи дека компаниите ќе можат да делат дивидени. Според министерот Бектеши, целта е да се зголеми ликвидноста на компаниите и да има повеќе пари во оптек. Но, останува забраната странците да не можат да ги изнесат парите од земјава додека трае вонредната состојба бидејќи само така ќе се задржи стабилноста на девизниот пазар.