Македонија
24. јуни 2023 - 14:32

Се санираат последиците од невремето во Охрид, огромни штети за земјоделците од Дебрца

 Градските власти во Охрид ги ставија на располагање сите капацитети со кои располага Општината за надминување на последиците од невремето што денеска го зафати регионот.

Градоначалникот Кирил Пецаков по итниот состанок на Кризниот штаб на кој присуствуваа и директорите на општинските јавни претпријатија истакна дека пред Општината е пред сериозен предзвик и дека интензивно се работи на нормализација на состојбата.

- Од првичните информации со кои располагаме, отежнат е сообраќајот на одредени улици поради обилните врнежи и големата вода која се уште се слива, има пријави за поплавени домови, дворови, куќи, а штетата на земјоделските култури очигледно ќе биде огромна бидејќи невремето кое траеше повеќе од половина час беше проследено со врнежи од град со големина на лешник и орев, рече Пецаков.

Тој додаде дека сите пумпи за исцрпување на вода со кои располага општината се ставени на располагање на Територијалната противпожарна единица Охрид, каде во најголем дел се пријавуваат поплавите.

- Вршиме напори со соседните општини за набавка на дополнителен број пумпи, иако колекторот е ставен стопроцентно во функција и во најголем дел од критичните места ќе се исцеди надојдената вода. Проблем има на пресекот помеѓу улицата „АСНОМ“ и булеварот „Туристичка“, со струјата која ги знабдува пумпите од колекторот, но се решава. Проблем има и во планинските села каде има наноси од земја. Се надеваме дека до вечер ќе успееме да го нормализираме сообраќајот насекаде, додаде Пецаков, истакнувајќи дека службите на градот остануваат во полна готовност бидејќи има најави за нови врнежи во попладневните часови.

Се огласи и градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески, кој истакна дека штетите врз земјоделските култури се огромни. 

- Уште сега со сигурност можам да кажам дека штетите на земјоделските култури се 100 процентни. Општината ќе ги спроведе сите стандардни постапки за пријавување на штетите, а проценка како што кажав не е ни потребна, 100-постотна е, објави Ногачески на својот фејсбук-профил.

Тој ги повика Владата и Министерството за земјоделство да обезбедат средства од Интервентниот фонд за земјоделство за обештетување на земјоделците, апелирајќи системско решавање на проблемот со осигурувањето на земјоделските култури од елементарни непогоди кои, како што забележа, поради климатските промени ќе бидат се почести. 

Ново на Сител