Македонија
5. March 2020 - 14:35

Се реконструира патот Беловиште-Вратница

Од денеска започна рехабилитација на локалниот пат што ги поврзува населените места Беловиште и Вратница во рамки на општина Јегуновце. Станува збор за делница во должина од 1.407 метри со широчина од четири метри, која треба да се асфалтира.

-Ќе се работи на патот на потегот од мотелот Вратница до влез на Беловиште.  Оваа делница последен пат е обновена во 2004 кога е поставена канализација. Со тоа ќе се задовалат барањата на граѓаните за санација на оштетениот пат кој бил потешкотија за нормално движење. Во зависност од временските услови очекуваме градежните работи да траат 20-тина денови, информира Дарко Блажески, градоначалник на општина Јегуновце.

Средства за реконструкција на патот се обезбедени од Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделието и руралниот развој, во висина од 7 . 336.332 денари со вклучен ДДВ.