Се проверуваат сите 1.100 лиценци издадени согласно Законот за градба, речиси 100 се одземени
На 97 приватни фирми за изградба, проектирање и надзор при градба, ќе им бидат одземени лиценците, затоа што не ги исполнуваат законските услови за работа. Станува збор за 15% од досега исконтролираните 643 субјекти, меѓу кои се 13 фирми кои градат државни објекти, две кои вршат надзор на истите, 34 компании кои градат згради, фабрики, угостителски објекти, школи и слично. Министерот за транспорт најави дека до вторник ќе се заврши контролата на сите 1,100 издадени лиценци согласно Законот за градење и урбанистичко планирање, по што ќе бидат и јавно објавени имињата на прекршителите.
За несреќата која се случи во Кочани, Министерството за транспорт не е надлежно., бидејќи станува збор за објект од Б категорија за кои лиценца издава општината. Согласно планот на општината, објектот бил изграден во 1999та година и првично се користел како фабрика за шиење, потоа како магацин, по што се доградува уште еден дополнителен објект, кој подоцна се легализира. Николовски информираше дека по ова се направила адаптација на објектот без одобрение од никого.
Лицата кои ставале печат и потпис биле приватни лица. Потоа сите документи се прибавувани од Министерството за економија, но голем простор е оставен на совеста на подносителот на барањето кој гарантира со изјава на нотар, а нотарот нема начин да провери. Затоа мора да има сериозни законски измени. Ќе оставиме понатаму работата да си ја водат МВР и ЈО, нашата работа е дотука – додаде Николоски.
За да се спречат трагедии како таа во Кочани, ќе се менува законот за градба, со што ќе може веднаш да се одземаат лиценците. Сегашниот закон дозволува жалбена постапка, која може да трае и до 2 години, а за тоа време објектот кој не ги исполнува техничките услови да си продолжи со работа.
-
Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар