Македонија
7. February 2019 - 9:39

Се отстранува железната ограда околу Владата

Пред Владата почна отстранување на железната ограда. Одлуката за отстранување на оградата ја донесе Владата на последната седница одржана завчера, а целта, како што наведоа оттаму, е да се ослободи целосно јавниот простор околу владината зграда за да биде достапен за користење од страна на граѓаните.

За отстранување на оградата според владиниот портпарол Миле Бошњаковски нема да се трошат пари од граѓаните, туку ќе се искористат внатрешните ресурси, односно постојните капацитет на службите во рамки на Владата.

Оградата ќе биде ставена во депо, а сите понатамошни одлуки во врска со оградата и просторот околу зградата на Владата, ќе бидат донесени низ инклузивен процес во консултација со граѓаните. Бетонските столбови во моментот нема да се отстрануваат бидејќи, како што појасни Бошњаковски, нивното отстранување чини премногу, а Владата нема намера да троши дополнителни пари за да ги исправи грешките на минатата власт.

Со ова, како што посочи Бошњаковски, Владата го исполнува ветеното и го промовира концептот на отворена влада.