Македонија
18. February 2019 - 12:35

Се испитуваат очевидци, пред обвинител ќе застане и возачот - се утврдуваат причините за автобуската несреќа кај Ласкарци

Заради координација и поголема динамика во постапувањето на сите надлежни институции при утврдување на причините за автобуската несреќа што се случи на автопатот Скопје-Тетово, кај село Ласкарци, во Основното јавно обвинителство Скопје денеска се одржа работен состанок на претставници од надлежното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Бирото за судски вештачења, Машинскиот факултет во Скопје и на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.
 
Со цел да се обезбеди динамика во утврдувањето на сите релевантни факти и причините што доведоа до несреќата, ОЈО Скопје во текот на денешниот ден почна со испитување на очевидците на настанот, а во текот на неделата свој исказ пред надлежен јавен обвинител ќе даде и возачот на автобусот.

-Од Министерството за внатрешни работи до Обвинителството денеска е доставени скицата, фотодокументацијата и други писмени прилози во поглед на сообраќајната несреќа, а во текот на денот ќе биде доставен и записникот за извршениот увид на местото на настанот, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Претходно, постапувајќи по првичното известување од Министерството за внатрешни работи доставено во петокот, Обвинителството уште истиот ден изготвило наредби за обезбедување други писмени докази од правното лице „Дурмо турс“ – сопственик на автобусот, како и од ресорните министерства за транспорт и врски и за внатрешни работи.

Од Јавното обвинителство информираат дека до Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија беа доставени наредби за обдукции на сите починати лица, а од здравствените установи беше побарана комплетната медицинска документација за повредените.

Исто така, биле побарани листинзите од мобилниот телефон на возачот, а за самиот телефон била изготвена наредба за вештачење, со цел да се утврди дали во критичното време возачот активно користел некоја од комуникациските врски на тој телефон. До Машинскиот факултет во Скопје во петокот била доставена наредба за вештачење на техничката исправност на автобусот во моментот на несреќата, велат од Јавното обвинителство.