Македонија
28. јуни 2022 - 16:44

Се бара одговорност од државниот секретар за култура кој се закани со кршење раце и нозе

Владиниот функционер кој се закануваше со кршење на раце и нозе ако се омаловажуваат албанците, да сноси одговорност, бара Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Велат, повикот за насилство е кривично дело за кое се оди во затвор, па очекуваат реакција од владата. Со писмо потпишано од пратениците на коалицијата кое денеска лично го доставија до владата, бараат разрешување на државниот секретар во Министерството за култура.

„Поради сериозноста на овој инцидент, а и траорноста на вчерашниот ден за демократијата во Република Македонија, дојдовме и лично го поднесовме барањето за остра реакција од претседателот на Владата, г-динот Димитар Ковачевски, од кој што се бара брза реакција бидејќи само на тој начин ќе покаже дека е противник на повиците за физичко насилство врз народните избраници и ќе упати силна порака до сите дека ова повеќе не смее да се повтори“, изјави, Никола Мицевски, Координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

Владата се оградува од одговорност. Објаснуваат дека Државниот секретар го назначувал министерот. Од култура, велат, министерката, Бисера Костадиновска-Стојчевска, била на службен пат во Албанија, но од нејзиниот кабинет отфрлаат одговорност за однесувањето на Азири.

„Случувањата во јавноста поврзани со Државниот секретар на МК, не се поврзани со активностите за кои е надлежно министерството“, велат од Министерството за култура.

Од култура додаваат дека за однесувањето на Азири, надлежност имале МВР и обвинителството.

Повикот за насилство ако се омаловажуваат албанци, Азири ја испрати синоќа преку Фејсбук по инцидентот за време на комисијата за европски прашања.

„Антиалбанец како Антонио Милошоски заслужува повеќе. Помина времето на продавачите на магла. Новите генерации Албанци ќе им ги скршат рацете и нозете на сите што ќе се обидат да ги омаловажат Албанците", напиша Азири, но, денеска исчезна објавата од неговиот фејсбук профил.