Македонија
10. September 2024 - 16:39

СДСМ: Тошковски сака вината за скандалот на Блаце да ја префрли на невини вработени

За пропуштањето на Гаши и сватовите на граничниот премин Блаце, министерот Тошковски и началникот Рамука, сакале да наместат невини вработени да ја преземат одговорноста за скандалот, тврдат од опозициската СДСМ. Рамука на командирот на граничниот премин, му дал наредба да казни шест вработени но само со писмена опомена, без да им биде скратено од плата. Но командирот не прифатил бидејќи не било совесно вработени на границата да преземат одговорност за нешто што не се виновни и побарал внатрешната контрола при МВР да го реши случајот. Од СДСМ и денеска бараат оставка од Тошковски и началникот Наим Рамука.

„Според нашите информации, во моментов случајот е во Внатрешна контрола која мака мачи како да го оправда целиот случај и очигледно се обидуваат да направат манипулација и да обвинат некој друг. Ова е МВР под водство на Тошковски почитувани граѓани. Ова е добро познатото ВМРО-МВРО и методите од времето на Гордана Јанкуловска.

СДСМ бара, итно, јавно и транспрентно да се објават наодите на внатрешна контрола. СДСМ бара итно да се лоцира одговорноста кај оној кој дал командата!

Точно знаеме кој, како и за што треба да одговара и ова веќе го објавивме во јавноста. Доколку Тошковски се обиде било кој вработен во МВР да го искористи како жртвено јагне, остро ќе реагираме“.

Министерот Панче Тошковски за Сител вели, 

„Им благодарам на ПР службата од опозицијата што го потврдија фактот дека МВР, односно одделот за внатрешна контрола интензивно работи на овој предмет и соодветно ќе ги санкционира сите кои погрешиле во предметната постапка“.

Претседателот на Собранието Африм Гаши, минатиот месец со службени возила заедно членови од неговото семејство и обезбедување отиде на свадба во Косово преку граничниот премин Блаце без да помине гранична контрола. Отогаш опозицијата обвинува дека и приватни возила кои оделе заедно со собранискиот спикер биле пуштани на граница без проверки. МВР еден месец утврдува чија е вината додека опозицијата обвинува дека министерот Тошковски потфрлил и бара негово разрешување.