Македонија
29. March 2024 - 16:57

СДСМ: Побрз економски раст и подобар стандард ќе донесе членството во ЕУ

Без влез во Унијата, нема економски прогрес. Сите ветувања од политичките партии ќе паднат во вода, нема да има нови инвестиции, ниту пак свежи пари ако нема евроинтергирање. А СДСМ е посветена токму кон ова, затоа што членството ќе донесе повисоки плати, пензии, поголема стабилност и помош за бизнисот. Лидерот на партијата Ковачевски, ја презентираше програмата пред бизнис заедницата. 

- Европскиот пат носи подобар живот, подобар животен стандард, повиски плати, повеќе фондови за компаниите. Ние , во нашата програма издвојуваме 180 милиони евра директна финансиска поддршка за компаниите, преку нивни инвестиции, 3,5 милијарди евра капитални инвестиции, изјави Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ 

Претседателот на Комората е задоволен од досегашната соработка со власта, иако не секогаш се земале во предвид нивните забелешки. Последниот е околу Законот за нефер трговски практики, за кој Комората смета дека цените на производите не треба да се ограничуваат, односно воопшто да нема листа на производи. Немаше согласност нити за Солидарниот данок, недела неработен ден, и Законот за облигациони односи.

 - Имавме несогласување околу повеќе прашања, не само три. Но важно е да се напомене дека кабинетот на премиерот секогаш бил отворен да ги слушне нашите предлози. Денеска се надеваме дека ќе постигнеме согласност околу буџетските трошења, да има поголема отчетност, затоа што кога имаш малку пари, мора да внимаваш, изјави Бранко Азески, Стопанска Комора

Според Комората, економијата тапка во место, затоа што ниту една влада изминативе 15 години не ги земала во предвид сите нивни предлози. Од досега поднесени  50-тина иницијативи за побрз економски раст, 65% држвата не ги прифатила или само делумно ги реазлизирала. Затоа предлагаат – почитување на законите и владеење на правото, задолжителна консултација со бизнисот пред носењето на одредени закони, намалување на парафсикалните давачки, борба со сивата економија, отчет за трошењето на народните пари и повеќе капитални инвестиции.