Македонија
18. July 2024 - 16:36

СДСМ обвинува – Со ребалансот ВМРО-ДПМНЕ државата ја води во амбис

„Со дефицит од 4,9 % и јавен долг близу 70 отсто, ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во финансиски амбис''. Опозициската СДСМ со критики за ребалансот на буџетот, кој го сметаат за нереален и со кој земјава ќе ја направи зависна од кредитирање.

- Во државната каса не фали ни денар. Лага е дека нема пари за исплата на плати за дел од институциите. Не се ставени само зголемувања на платите на административците, за да не се сфати како предизборен поткуп, вели Лукаревска. Ја нарече манипулација и изјавата дека недостасуваат 500 милиони евра.

„За да докажеме дека не ја зборуваат вистината, одете во расходната страна на Министерството за транспорт кое е ресорно министерство на Железници и Пошта. Институциите за кои велат дека немало да земат плата. И нека објаснат, како со намалување за 100% на буџетот предвиден со ребалансот ќе одговори на потребите на работниците. Сега ВМРО-ДПМНЕ го покачува дефицитот за цели 36%, а јавниот долг на ризични 68%. Овој процент на јавен долг е спротивен на Мастришките декларации и сериозно ќе го наруши кредитниот и финансискиот рејтинг на земјата“, истакна Сања Лукаревска, СДСМ .

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, повторија дека СДСМ со ДУИ ја донесоа државата во банкрот, оставајќи повеќе јавни претпријатија без плата над 3 месеци, плаќајќи во ветар 240 милиони евра за автопат кој не е ни почнат, заглавувајќи во долгови профитабилни јавни претпријатија кои сега се задолжуваат пред банки и земаат кредити да сервисираат основни обврски. 

И премиерот и министерката за финансии најавија дека истражните органи ќе имаат полни раце работа затоа што наследиле катастрофален буџет, со огромни долгови, во кој не биле предвидени пари ни за плати за дел од институциите, ни за пензии, ниту пак за законски преземни осервисирања, како студентски оброк, ваучери за спорт, Мој ДДВ.

Но до овој момент, од Јавното обвинителство велат дека не е стигната никаква пријава. 

- Сите државни органи, јавни претпријатија и установи се должни да ги пријават кривичните дела за кои се гони по службена должност, за кои се известени или за нив дознале на друг начин. До овој момент до обвинителството не е доставена таква пријава. Доколку биде доставена, Јавното обвинителство ќе постапи согласно своите законски надлежности и ќе преземе дејствија, велат од ОЈО

Задоволни од вака скроениот ребаланс се од политичката партија ВЛЕН. Третина од финансиската програма вредна над 97 милиони евра ќе биде наменета само за албанските општини.

- Коалицијата ВЛЕН со ребаланс на буџетот во рамки на определбите на Владата определи финансиска програма од 6 милијарди денари од кои значителен дел ќе бидат инвестирани само во албанските општини. Од овој вкупен износ од 6 милијарди денари, 1/3 или 30 милиони евра ќе бидат наменети за општините со мнозинско Албанско население до крајот на 2024 година. Оваа инвестиција е важен чекор за подобрување на инфраструктурата, јавните услуги и квалитетот на животот на граѓаните, изјави ВЛЕН

Предлог ребалансот веќе е стигнат во Собранието и во следните 10 дена треба да биде ставен на комисиска расправа пред пратениците.