Македонија
21. February 2016 - 20:58

СДСМ: Меѓународната заедница потврди дека нема услови за избори на 24 април

Меѓународната заедница денеска го потврди она што СДСМ го говори цело време: на 24-ти април нема услови за слободни, фер и демократски избори, соопшти вечерва СДСМ. 

- Оценката на Европската унија и САД дека во овој момент потребните услови за организирање на кредибилни избори на 24 април не се исполнети и констатацијата дека се уште не е постигнат договор за реформи на медиумите е директна потврда на она што граѓаните веќе го знаат. Не се создадени услови за фер избори на 24 април, се додека не се прочисти избирачкиот список и нема реформи во медиумите, стои во соопштението на опозициската партија.

СДСМ наведува дека граѓаните сега со право очекуваат да се исполнат сите услови за фер и демократски избори преку навремено прочистување на Избирачкиот список и преку навремена регулација на медиумите.

 - Правото на слободни избори и демократски изразеното право на глас на секој граѓанин во Република Македонија мора да биде обезбедено и гарантирано, соопшти СДСМ.