СДСМ бара комисиска седница за новиот директор на АНБ
Да се свика Комисија за надзор на работата над АНБ, бараат од опозициската СДСМ за сертификатот по англиски јазик на новиот директор на тајната полиција, Бојан Христовски за кој тврдат дека му е фалсификуван. Бараат седницата да биде јавна и Христовски лично да присуствува и да даде одговори како и кога се стекнал со ТОЕФЕЛ сертификатот.
За свикување на Комисијата потребна е согласност од 40% од членовите, кои СДСМ во моментов ги нема во Собранието. Сепак и без тие 40%, претседателот Скендер Реџепи може да закаже комисиска расправа. Реџепи за Сител вели, откако ќе ја разгледа иницијативата ќе одлучи како ќе постапи.
- Прво треба да го видиме барањето, бидејќи се уште немам такво барање и после ќе делуваме согласно одговорноста и овластувањата предвидени со деловникот.
Од СДСМ набрзо ќе поднесат и кривична пријава против Христовски, откако претходно неколку пати го повикаа и министерот за внатрешни работи, да го стори истото. За приложениот ТОЕФЛ сертификат за англиски јазик од компанијата Јулија во Пловив, Бугарија каде Христовски навел дека се стекнал со сертификатот, оваа година две директорки на јавни установи се осудени на условни казни затвор, бидејќи приложиле ист сертификат од истата компанија во 2022 година.
Од пред неколку дена компанијата Јулија од Пловдив која издава сертфикати, повеќе не постои во интернет просторот.
Премиерот Мицкоски, вели дека ќе ја чека одлуката на Антикорупциска за Христовски.
Од Антикорупциска пак велат дека нивното постапување по предеметот за Христовски во ниту еден случај не ги запира постапувањата на останатите надлежни институции од спроведување на надлежностите.
- Одредени обиди за прикажување на постапувањето на ДКСК како причина за одложување или неактивност на други институции, сметаме дека не се оправдани и може да внесат погрешни перцепции кај јавноста. Укажуваме дека нашата работа не ги заменува ниту ги одложува обврските на другите надлежни органи. Напротив, ДКСК ги поттикнува сите надлежни институции, да ги извршуваат должности во согласност со законските надлежности.
Претходно Антикорупциската комисија, по анонимна претставка отвори предмет за Христовски во која пишувало дека тој наводно не ги исполнува условите за да биде директор на Агенцијата за национална безбедност.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар