Балкан
16. August 2015 - 15:45

Сараевски лекар: Пациентите ги прегледуваме како на фабричка лента

Ал Џезира Балкан - Сараево

Забарот се посрамоти. На пациентка требаше да ја испира устата од која течеше крв. Но, тој немаше чаша. Дури ни најевтина, пластична. Со очи и покажа на сестрата и таа од некаде донесе пластична, тенка чаша. 
- Докторе веројатно нема да кажете дека немате чаша за една употреба? – праша пациентката. 

- За жал, немаме – рече видно посрамен, а потоа и тој и медицинската сестра, почнаа да раскажуваат дека често од свои пари купуваат чаши и салфетки, бидејќи Јавната институција Домот за здравство на Кантон Сараево, не доставува доволно медицински репроматеријал. Пациентката идниот ден донесе пакување на чаши и салфети, да има амбулантата додека таа се лечи тука, иако од нејзината плата уредно е платено здравствено осигурување.

Купи завои и лекови, па на операција

Оваа епизода од амбулантата на Домот за здравство во Ново Сараево, како и низа други недостатоци кои ги истакнуваат пациентите, како тоа дека во тоалетите во домовите за здравство речиси никогаш нема сапуни ни тоалетна хартија, сето ова го пренесовме на др. Изет Хочко, претседател на Синдикатот на доктори по медицина и стоматологија (СДМИС) ЈУ Дом на здравство на КС, на што тој додаде, дека тоа не е ништо нови, ниту пак се случува само во здравствените домови, туку и во болниците, во кои пациентите кои одат на операција, мора со себе да понесат гази, завои, па дури и мрежи кои се ставаат преку местото кое се оперира. 

Овој проблем е само еден од многуте наталожени, а поради кои СДМИС побара реконструкција на здравствениот систем во ЈУ Здравствен дом КС. 

- Има многу проблеми со кои се соочуваме. Тоа не се само проблеми кои ги гледаат пациентите, туку има и такви кои тие не ги гледаат, а на крај се всушност се одразува на нив. Здравствените домови станаа фабрички ленти во кои пациентите саом поминуваат, каде стана важен само квантитетот, а не и квалитетот – вака вели др. Изет Хочко, специјалист по педијатрија во Здравствениот дом Хаџиќи. 

Вели дека лекарите и другиот медицински персонал се незадоволни од платите, дека лекар од општа пракса има плата од 600 евра, специјалист 750, а медицинските сестри и техничари 350 евра. – Нето саатнината во мај 2014 година е корегирана од 2,00 на 2,28 КМ (саатница која се множи со коефициент на сложеноста) во ЈУ Здравствен дом КС. По оваа саатница примавме плата само до мај оваа година, кога таа е намалена на срамни 2,20 КМ. И наместо да очекуваме покачување, ние сега се бориме да ни го вратат стандардот од пред една година – вели др. Хочко. 

Лекарите, вели тој, се исфрустрирани од ниските плати, како и другиот персонал, а што влијае на квалитетот на работата, па тие во Синдикатот не се борат само за својот статус, туку и за правата на пациентите.

Борба за промена на есенцијалната листа на лекови 

Една од главните цели на СДМИС вели тој е и промената на есенцијалната листа на лекови, за која сметаат дека е нелогична и дека извлекува пари. 

- Листата е полна со лекови кои можат да ги купат повеќето пациенти, а на неа нема лекови за хроничните пациенти, тие кои мора да купуваат континуирано. Освен тоа, износот кој се дава за таа есенцијална листа е огромен, дури 77 милиони марки (38 милиони евра), вели тој истакнувајќи дека пациентите се почесто мораат по пат на хуманитарни организации и социјални мрежи да бараат пари за да купат некој поскап лек. 

Овој специјалист по педијатрија ги опиша условите во кои работат тој и неговите колеги од струката во Кантонот Сараево. 

Вели дека неговиот колега педијатар кој работи во Шведска, дневно прима од пет и десет мали пациенти, а тој во Здравствениот дом Хаџиќи, во просек по 39 пациенти. 

И тоа не е се, вели дека некои негови колеги понекогаш дневно примаат и двојно повеќе пациенти, па ист лекар истовремено работи и со болни и со здрави деца.

- Јас правам штета, јас правам злодело! – вели резигнирано. 

- Знаете, правило е лекарот пациентот да го гледа во очи. Самиот себе се фаќам по којзнае кој пат дека не го правам тоа, едноставно немам време. Откако ќе примам пациент, јас го отварам неговиот картон да запишам во него се што треба, бидејќи другите чекаат. Страшно, но тоа ви е како на фабричка лента. А над се, често се случува здравствените домови да немаат некои неопходни медицински апарати, или ако ги имаат, тие се малку и често се расипуваат, поради што доаѓа до нервоза кај пациентите и до лутина... И како некој во такви услови да очекува квалитет, квалитетно лечење, ете, кажете ми.

Недостиг од лекарски кадар

Меѓу барањата кои СДМИС ги упати до надлежното Министерство за здравство е и чувањето на кадарот од зарази, осип, како и вработување на нови, способни кадри. 

- Ние немаме специјалисти радиолози, ни недостасуваат способни, искусни лекари, а сведоци сме на нови и нови вработувања во ЈУ Здравствен дом. Се доведуваат луѓе кои не се по струка, туку според некои којзнае какви врски. Ние бараме сето тоа да се преиспита, да се види кој работи, а кој не, кој знае да работи, а кој не знае. 

И Сараевчанката Јасмина П. зборува за сличен проблем. – Можам со 100 отстотна сигурност да потврдам дека моја познаничка платила 5.000 КМ т.е. 2.500 евра, нејзиниот син да го вработат во еден од здравствените домови. Тој сега таму работи некои административни работи и којзнае на кого го зазема работното место и за што прима плата. И сега за неговата плата има пари, а кога барав да ми дојдат и на свекрва ми да и вградат катетер, рекоа дека не можат, бидејќи возилото им било во дефект и дека нема да имаат домашни посети барем 10 дена. На крај моравме да викнеме приватна клиника и да ја платиме таа услуга – вели оваа налутена граѓанка. 

Др. Хочко посебно го истакна фактот дека се поголем број на лекари, поради малите плати и лошите услови за работа, ја напуштаат земјата и одат во европските земји и дека БиХ, ако продолжи вака, наскоро ќе остане без здравствени работници. 

- На нас ни велат: Ма, нека одат, ќе дојдат на нивно место други, ќе дојдат лекари од странство. А јас ги прашувам: кој ќе им дојде? Кој ќе дојде на плата од 600 евра? Нема ни тие од Блискиот исток и тие ќе одат во Европската унија. 

Тој вели дека во целиот здравствен систем состојбата е алармантна, но дека најлошо е на секторите за семејна медицина и радиологија, кои најмногу имаат проблеми со недостиг на кадар и медицинска опрема. 

Колку состојбата во здравствените институции во Сараево, но и во цела БиХ е лоша, зборува и фактот дека неодамна е воспоставена онлајн платформа Otkucaj.net, со намера на едно место да се соберат сведоштвата на граѓаните за проблемите во здравството. 

- Тешко на тие на кои им треба лекарска помош, Медицинските сестри се катастрофа, Дно на дното, Даваат антибиотици како бонбони, Еврата лечат, Негодуваат и вработените и пациентите... само се некои од насловите со кои граѓаните ја започнаа својата исповед на оваа платформа. Меѓу нив се нашле и медицински работници, кои како тие од ЈУ Здравствен дом КС, сакаат подобри услови и плати. 

Синдикатот на докторите по медицина и стоматологија на Кантон Сараево даде на надлежните истанци рок од два месеца да ги исполнат нивните барања. Во спротивно, најавуваат дека ќе бидат принудени да стапат во штрајк.